Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва оствари посета на Крушево во рамки на партиските Разговори за обнова на Македонија.

Град кој силно е погоден од неправдите, цунамито и пропаста на власта. Жална е таа слика на полупразен град, големи куќи без светилки, затоа што луѓето се иселиле. И повеќе не е прашање иселувањето на селата, туку иселувањето на градовите, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при средбата со крушевчани, каде што одржа и говор.

Мицкоски го започна говорот со целта и намера на средбите – да се слушнат реалните проблеми со кои се среќаваат луѓето секојдневно и да им се понуди решение. Тој им порача на крушевчани дека нема да дава нереални ветувања, како што не давал ниту до сега.

Ги слушнавме реалните проблеми, не дека не ги знаевме. Ги знаевме тие реални проблеми, но важно е да тоа што го знаевме се потврди и се прошири со многу реални проблеми, со тешката реалност, во која што денеска македонските граѓани, македонскиот народ и останатите етнички заедници кои што живеат во Македонија се соочуваат во секојдневието. Во зависност од тоа дали сме подготвени и дали можеме да понудиме реално решение, ќе го понудиме на секој ваш проблем којшто ќе најде свое место во рамките на програмата. Тоа што не можеме да го понудиме и тоа што е невозможно во овој момент да го решиме, ќе го оставиме за моментите кога ќе можеме да го решиме, а она што истовремено можеме и да го понудиме на одложен рок, ќе кажеме дека не можеме веднаш но можеме следната година.

Мицкоски направи ретроспектива на ветувањата на Заев, а се осврна и на Предлог-буџетот за следната година.

Буџет составен од луѓе кои се нарекуваа политичари кои ќе донесат реформи или реформски ориентирани политичари, а во суштина сето она кое што го донесоа е арамилук, беше криминал, корупција, понижувања, омаловажувања, слугувања, подведена кичма, трговија со непринципиелни работи кои што секогаш беа на грбот на македонските граѓани, на македонскиот народ, на македонската држава и на сите останати кои што денеска го делат ова тешко дракодесие кое што е секојдневие во Република Македонија.
Никој не го тераше Зоран Заев во 2016-тата година, во паузите додека го уништуваше она што некој друг го изградил да ветува дека кога ќе дојде животот најголемата историска политичка лага во Македонија за земјоделците ќе имало загарантиран откуп, дека земјоделците ќе имале високи субвенции, дека ќе се вложувало областите за земјоделците итн.

Никој не го тераше во Ресен да појде и тоа да им го ветува на ресенчани, а потоа кога ќе се догреба до таа фотелја да гледаме како Ресенчани ги истураат јаболката по полињата, како ги сечат дрвата, јаболкниците кои што ги раѓаат тие јаболка, затоа што се сеќавате минатата година еден килограм јаболка беше еден денар. Или една гајба беше помалку од 10 денари.

Никој не го тераше со сила Зоран Заев да оди по Тиквешијата и да ветува поголеми откупни цени за лозарите, да ветува загарантиран пласман итн. Се сеќавате на оние прес конференции дека трудот на земјоделецот мора да биде соодветно платен, а денеска да бега како ѓавол од темјан. Е  она кое што тоа го ветуваше откако е премиер.

Никој не го тераше со сила Зоран Заев да појде кај оризопроизводителите во Кочанско и да ветува поголема цена и сигурен откуп на оризот и оризовата арпа. Па велеше гласајте за мене сигурно победуваме на следниве избори, и ова што ви го ветувам, запаметете ги, велеше овие мои зборови, ќе стане реалност во Македонија.

Никој со сила Зоран Заев, Дамјан Манчевски и Радмила Шекеринска , и останатите не ги тераше со сила да носат гас маски и да велат дека веднаш кога тие ќе ја преземале власта ќе се избистрат, ќе се исчистат воздухот ширум Македонија, а сето она кое што не чинело ќе заминело на темната страна на историјата. Само они да победеле, да ја формирале владата и веднаш ќе почнел да дува чист Алпски воздух. А, денеска во главниот град Скопје е меѓу најзагадените метрополи во светот. Ако не и најзагаден.

Се сеќавам минатата година буквално дишевме смрт. Буквално дишевме смрт поради целокупната неиспорачана реформа, блокираните тендери кои што оваа влада откако дојде ги сопре.

Никој не го тераше со сила Зоран Заев да ветува реновирани студентски домови, студентски градови, гаранција за младите, дека оние чевли кои што ги редеше пред влада ќе ги најде сопствениците и ќе почнат тие масовно да доаѓаат, само требало нему да му ја дадат поддршката. Само требало тој да стане премиер и веднаш се ќе биде решено.

Таква е денеска, браќа и сестри реалноста, како никогаш до сега Македонија не била попуста, шајка немаат заковано во студентските домови. А, од студентскиот град ни трага, ни глас нема. Секој втор мој студент после дипломирањето одлучува да ја напушти Македонија. Не толку поради економските причини, туку поради овој примитивизам од типот „мало сутра“. Поради оваа декаденција, и оваа регресија која што денеска стана секојдневие. Поради тоа што политичките елити кои што денеска даваат изјави на телевизија и треба да бидат пример за младата генерација како треба да се однесуваат, во својот речник користат примитивизми од типот „мало сутра“, од типот на „тепсијата“ која што останала празна без баклавата итн.

Мицкоски зборуваше и за иселувањата. Тој нагласи дека венска веќе не е проблем што луѓето ги напуштаат селата, туку што се празнат градовите.

Луѓето денеска ги напуштаат градовите, селата се празни и тоа е веќе стара вест. Денеска градовите се празнат. И градовите се празнат од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево, од Паланка до Струга, од Тетово до Струмица. Секаде се празнат градовите, и секаде се полнат автобусите кои што заминуваат со млади луѓе, со семејства полни куфери затоа што после големите очекувања, после големите ветувања на Зоран Заев стигнаа големите разочарувања. Добивме и од ЕУ „НЕ“, добивме „НЕ“ не затоа што некој мислеше дека со тоа што ќе испопотпише се на сметка на националниот интерес и на сметка на интересот на македонската држава, да ја подвитка кичмата, ќе слугува, а потоа ќе краде. И неговото семејство ќе биде помеѓу најбогатите семејства во Македонија, затоа добивме „НЕ“. Не затоа што некој на сметка на македонските национални интереси градеше политичка кариера, туку затоа што во државата владеат арамилук, затоа што во државата има криминал, затоа што во државата корупцијата е во највисоките владини редови. Е, затоа добивме „НЕ“. И затоа денеска невешто се обидуваат владините спин мајстори да ја спинуваат и извртуваат изјавата на францускиот претседател кој што вели, многу јасно и гласно вели реформи во Унијата, но и реформи во земјите аспиранти да започнат преговори со ЕУ. Тоа важи и за нашата држава, а важи и за Македонија. Најпрвин треба тука да се промениме, тоа го зборувавме и за претседателската кампања, тоа го зборуваме и денеска. Не може државата да ја води политичар кој што како градоначалник бараше мито, за работа која што по службена должност треба да ја заврши. Не може тој градоначалник кој што во минатото беше аболиран за сомнеж за сторен криминал да биде премиер кој што ќе биде реформиста.

Мицкоски рече дека Заев е политичар на минатото, а народот ќе има можност на 12 април да го испорачаат тоа што денеска секаде се слуша во Македонија, а тоа е дека овие политичари се политичари на минатото и ќе бидат поразени, и ќе останат на темната страна на историјата.

Не може политичари коишто од фризерки прават инженери во Електростопанство, не може политичари кои што во транзицијата ја опустушуваа Македонија, оставија стотици илјади наши сограѓани без работа. Не може тоа да бидат прогресивни политичари, тоа се политичари на минатото и тоа минато треба да стане нивна иднина. Зошто велам да стане нивна иднина, затоа што после поразот на 12 април 2020 година на предвремените парламентарни избори следува одговорност, следува одговорност и за арамилукот, и за криминалот, и за корупцијата ама следува одговорност и за националното предавство, и за националното понижување и омаловажување на сопствениот народ и сопствената држава. 

Мицкоски зборуваше и за новата доктрина на ВМРО-ДПМНЕ.

Зборувам секаде ајде доста лутавме лево и десно, горе  доле, ајде да не го бараме нашиот идентитет ниту во антиквизацијата, ниту во севернизацијата. Нашиот  идентитет  е оној само наш македонскиот, ајде да си го вратиме македонизмот во Македонија. Тоа е програмата и тоа ќе биде доктрината на ВМРО-ДПМНЕ веднаш после победата на предвремените парламентарни избори. Ние сме горди Македонци коишто говорат македонски јазик во родната Македонија и никој тоа не може да ни го избрише, ниту еден договор. Македонизмот како систем на вредности, македонизмот како дел од нашето секојдневие со силна економија, со владеење на правото, со одговорност за секој оној којшто се огрешил пред законите и осрамотил пред граѓаните. Македонизмот во здравствениот систем, македонизмот на полињата и нивите помеѓу земјоделците и сточарите, македонизмот кај пензионерите и  кај младите, македонизмот во полните фабрики со работници коишто се зафатени од месечните примања, тоа е оној македонизам за којшто јас зборувам и тоа е македонизмот  којшто ќе биде иднина во Македонија, ни повеќе ни помалце, богата, модерна, европска држава. Доста е од овој срам по принципот „мало сутра“ доста е од овој срам по принципот на тепсијата којашто останала изедена, доста се овие простатилоци, декаденции. Нам ни треба иднина, визија, нас ни треба план, а планот доаѓа со обновата за Македонија, затоа е многу важно секаде на плоштадите, на улиците, домовите, на работните места секаде без исклучок да ја најавиме победата на „Обновата на Македонија“. Тоа е победата на народот, тоа ќе биде најголемата победа во историјата на независна Македонија, на најголемата коалиција во историјата на независна Македонија, а тоа е коалицијата на народот со ВМРО-ДПМНЕ и „Обновата на Македонија“.

Сите кои ви велат дека невозможно е да се вратат некои работи тие се жртви на пропагандата, на политичките измамници како Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Кочо Анѓушев. Сите тие се жртви на таа пропаганда.

Верувајте дека можете. Верувајте во себе бидете храбри и пркосни. Ќе бидеме заедно храбри и пркосни  и ќе видите дека и невозможното станува возможно. Пред 22 месеца ми велеа ВМРО-ДПМНЕ е распадната партија, ВМРО-ДПМНЕ е поразена, ВМРО-ДПМНЕ е на колена. Ние верувавме во себе, верувавме во ВМРО-ДПМНЕ, верувавме во идејата, верувавме и работевме, па пак работевме и верувавме. Остваривме историски најголем резултат од опозиција на претседателските избори, со историски најдобриот кандидат за претседател што некогаш се појавил во трката за претседателските избори. А, сега ни преостанува сета оваа наша мака, сиот наш труд, целата оваа наша енергија, сето она коешто го вложивме во изминативе 22 месеци како опозиција да го потврдиме на следните предвремени парламентарни избори и сите овие политичари да ги пратиме на темната страна на историјата, а потоа без разлика на корените од дома и од надвор следува одговорност, од прв до последен за криминалот којшто му го направија на овој напатен народ, за сите уништени човечки судбини.

Знаат дека се виновни, знаат дека грешеле, знаат дека од правдата нема бегање  после 12 Април затоа сакаат сега на шверцерски начин да протнат тендери, да земат аванта  по принципот „кради-бегај“ затоа сакаат да го направат историскиот буџет од 4 милјарди евра пари на граѓаните, затоа што ќе се обидат тоа е нивниот код, тоа е нивниот ген мислат дека со пари се се купува. Не веруваат во честитост и чесност, не веруваат во родољубие, не веруваат во патриотизам они мислат дека клиентелата  и материјалното на народот во Македонија  е пред и над се. Мислат дека со минимално зголемување на пензиите коишто претходно максимално ги намалија, мислат дека со скромни 5% зголемени плати за администрацијата, народот во Македонија ќе заборави на сите предавства, на сите понижувања, арамилоци, криминалии и корупција, мислат дека овие неколку недели ќе го корумпираат народот.

Честит човек којшто знае дека работел честито и чесно нема од што да се плаши после 12 Април, после поразот се подава рака и се честита на политичкиот противник, но тие не се ни од далеку честити. Знаат што правеа овие три години и исплашени се затоа играат „all-in“ со вас, со вашите пари, со народните пери, не со нивните пари. Нивните пари се некаде на сигурно место надвор од Македониија. Во овој буџет играат „all-in“ вашите пари затоа што се исплашени и знаат  дека после 12 Април следи одговорност за криминалот, за пљачката и пустошот кои што ќе го остават позади себе, е затоа играа „all-in“.

Губеа до сега, ќе изгубат и на 12 Април, лето господово 2020 година, тоа им го ветувам.

За бадијала полнат автобуси, за бадијала уценуваат локална и државна администрација, за бадијала мислат дека овие  измачени луѓе се таму за да ги поддржат, тие се таму сосила однесени.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.