Генералштабот на Армијата попладнево преку соопштение се огради од изнесените ставови и мислења на сегашни и поранешни свои припадници дадени на настапи и интервјуа во медиумите.

Толкувањата и ставовите кои се искажуваат од нивна страна во врска со актуелната безбедносна ситуација во Украина, не кореспондираат со официјалните ставови на Генералштабот, кој како највисоко тело во Армијата на земја членка на НАТО официјално стои зад ставовите и одлуките на државните институции кои се надлежни за донесување одлуки по ова прашање, се наведува во соопштението.

Од ГШ на АРМ појаснуваат дека согласно законските надлежности и хиерархиската поставеност на државните институции во системот на одбраната, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана, имаат обврска за организирање, подготвување и командување со Армијата, врз основа на одлуките од страна на надлежните државни институции за системот на одбраната.

Согласно важечките законски и подзаконски акти, прописи и правила во Армијата е регулирано кој и на каков начин ги искажува официјалните ставови на Генералштабот, кои како полноправна членка на НАТО доследно ги применуваме, се вели во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.