Денеска се одржа уште едно рочиште за случајот „Плацеви на Водно“ во кој сведочеше Александар Ивановски, познат во бизнис заедницата како Алек Теранова. По сведочењето на својот фејсбук профил се обрати поранешниот премиер Никола Груевски

Ви го пренесуваме во целост неговиот статус:

Денес во судот сведочел бизнисменот Александар Ивановски во предметот каде во незаконска постапка сум обвинет, без да бидам сослушан од обвинителството и да дадам исказ одкако би ми било презентирано обвинението, што е законска обврска на обвинителството, а обврска на судот е да го провери тоа, но одамна веќе во Македонија обвинителството и судот не ги почитуваат законите кога станува збор за предметите кои се дел од политичкиот прогон на власта на Зоран Заев која забрзано тоне во жива кал од која не може да излезе.

Од она што го разбрав, бизнисменот Александар Ивановски потврдил дека никогаш не разговарал со мене за неговото купување на двата помали станови во општината Кисела Вода кои се наоѓаат во близина на моето поранешно живеалиште, ниту пак за купување на некакви земјишта.
Во тој дел можам и јас да потврдам дека навистина никогаш со тој човек, ниту со било која друга личност не сум разговарал, ниту сум барал, ниту пак на било кој начин плаќал купување за мои потреби стан или земја. Единствено, како што и тој потврдил тие два помали стана ги имам изнајмено со договор за изнајмување.

Понатаму сведокот Ивановски говорел дека одлуките да ги купи тие станови и едно од тие земјишта биле мотивирани од тоа што трето лице му рекло да го направи тоа и дека јас наводно сум го барал тоа од тоа трето лице, кое што пак лице, денес во судницата тоа го негирал.
Потврдувам дека од никого не сум побарал да купува било што за мене, или да побара од друг да го прави тоа, ниту сум давал парични средства за такви цели било кому.

Во поголем дел и сведокот Александар Ивановски потврдил дека не добил никакви и од никого пари за истото. Од она што можев да разберам тој кажал дека за земјиштето и станот купен од фирмата ИКТ не добил од никого пари, и дека тој вложил лични пари, што значи истите се негови и ден денес и тој стан на фирмата ИКТ јас со договор го изнајмив од сопственикот.

Иако целосно не разбрав добро што кажал околу тоа со чии пари го купил во 2008 година станот со големина од околу 38 мкв (вториот од двата за кои склучив договор за закуп со сопственикот), потврдувам дека ни за тој стан ниту некој ми побарал, ниту некому сум дал пари. Ако е точно тоа дека Ивановски во судот рекол дека јас сум обезбедил 40 илјади евра за тој стан, го повикувам да понуди доказ за тоа, особено што во 2008 година јас не го познавав, незнаев ништо за него, ниту го имав во тоа време сретнато било кога претходно во животот Александар Ивановски.

Она што друго го разбрав е дека се друго што говорел се негови претпоставки од типот дека кога ги купувал мислел дека се за мене или некој му кажал дека се за мене, или дека се за некој пријател на тој кој му кажал, па иако и самиот кажал во судот дека со мене немал никаков контакт на оваа тема, еден од сведоците кој бил адвокат кажал дека во одреден момент исполнет со арогантно однесување Александар Ивановски нему му кажал за нешто дека е за мене, па дури и на тој начин издејствувал услугата да му биде направена про боно, односно да не плати за истата, без воопшто да се провери дали тоа е точно. Но истиот адвокат напоменал и дека јас никогаш такво нешто не сум побарал од него, туку очигледно наседнал на трик вообичаен за балкански бизнисмен кој лажно се повикува на високи често и политички авторитети за да издејствува нешто за себе.

Во врска со земјиштето на Водно за кое исто така незаконски сум обвинет и без елементарен доказ, Александар Ивановски исто така потврдил дека со мене немал никаков контакт но дека во некоја подоцнежни фаза претпоставувал дека станува збор за мое земјиште, па дури и дека лицето кое побарало да посредува со продавачите наводно тоа му го признало во еден момент, но дознав и тоа дека тоа посочено лице од Александар Ивановски подоцна во текот на рочиштето го негирало тоа.

Понатаму дознав дека имало многу контрадикторни сведочења на Александар Ивановски за ситуации каде јас не учествувам, туку тој, а за кои неколку пати дознав дека во текот на распрашувањето Ивановски признал пред адвокатите и осомничените дека не ја кажал вистината или дека нема никави докази за тоа што го зборува.

Најинтересно е во делот каде тој укажал дека по моето доаѓање во Будимпешта во разговор по телефон сум побарал да купам од него како сопственик на фирма која гради станови, стан во Центар, а тој дури ни тогаш не ми рекол дека тој веќе има купено станови и земјиште за мене со негови пари, кои јас не сум му ги платил. Логично би било ако имало купено станови и земја за мене во таа прилика кога веќе немам ни никаква државна или партиска функција од која би црпел некаква моќ, или барем да ме извести или да бара да му ги платам, откупам и слично, туку се концетрирал да ми објасни дека нема станови за продажба во Центар.

Зошто и како Александар Ивановски денеска кажал многу работи кои во значаен дел подоцна и самиот ги негирал и кажал дека зборува за разговори со некои негови пријатели за кои немал никаков доказ, не знам, и во тој поглед до израз доаѓаат сомневањата на повеќе медиуми околу веројатноста за негова уценетост од страна на обвинителот заради политички мотиви, кој обвинител според информациите води и други предмети каде предмет на истрага е господинот Ивановски.

Со обзир дека сите овие конструирани и политички мотивирани случаи произлегуваат од начинот на кој Зоран Заев сака да се справува со политичките неистомисленици и на таков начин создавајќи лажна слика во јавноста, сака преку дефокусирање на народот да го продолжи своето владеење, укажувам дека ваквите случаи се крик на очајот токму на овој човек.

Заев го контролира обвинителството, судството, директно влијае или се обидува да влијае на многу сведоци и ги контролира поголем дел од медиумите кои денес во најголем дел еднострано и пристрасно известуваа, обидувајќи се да ги истакнат оние делови со кои Заев би бил задоволен, а да ги прикријат деловите во кои одбраната во многу делови го побила сведокот и тој тоа го признал или признал дека зборува без никакви докази и аргументи. Тоа нема да му помогне на Заев кој политички тоне и пропаѓа, особено сега кога народот полека се освестува гледајќи каков измамник и криминалец ја води и уништува Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.