Откако денеска беше отворен ексклузивниот хотел со пет ѕвездички Лимак Скопје Хотел, поранешниот премиер Никола Груевски преку фејсбук упати честитка за Лимак. Вели како Влада долго работеле на расчистување на таа локација, која во иднина, според него, ќе стане место како едно од најзначајните сврталишта во Скопје.

Продадена на јавна аукција на инвеститори од Англија а потоа превземена од еден од најголемите пет холдинга во Турција-компанијата Лимак, оваа локација од празна површина обрасната со дива треба и ѓубре, со голем број правно нерасчистени имотно правни односи, со многу работа на државните и општинските институции, а подоцна и со огромната инвестиција на корпорацијата Лимак, постепено се трансформира во место каде секој ќе се чуствува пријатно а многумина ќе добијат вработување.
Инвестицијата која започна пред околу пет години и која покрај хотелот во истиот комплекс предвидува и опфаќа и голем трговски центар, голем деловен центар и апартмани за живеење значајно влијаеше на македонската економија и се уште ќе има позитивно влијание додека градежно се доврши проектот, а во прв ред тоа позитивно влијание е во градежната индустрија, индустријата на градежни матерјали и сите 26 други други индустриски гранки поврзани со градежништвото.

Хотелот и другите објекти трајно ќе отворат многу нови работни места.

После отворањето на Double Tree by Hilton во општина Аеродром, за чие правно расчистување и подготовка на земјиштето за јавна аукција исто така работеа многу државни институции, хотелот на Лимак е втор хотел од највисока категорија во последните две и пол години за чие случување, правно расчистување на земјиштето за да се доведе до момент на аукција но и подоцна, многу работеа и се посветија министрите за транспорт и нивните тимови, катастерот, општините Центар и Аеродром и градот Скопје, како и поголем број други државни институции во периодот кога ја предводев владата на Република Македонија, главно во рамките на активностите на Комитетот за градежна експанзија и развој на владата. Честитки и до сите нив и нивниот труд кој сега може и да се види и да се горди на тоа.

На сопствениците и менаџерите на Лимак со кои имав задоволство да се сретнам во минатите години, им посакувам успех и брз поврат на капиталот, што може да е поттик и за нови инвестиции во Македонија во иднина. На вработените им посакувам успех и среќа во работата – стои во објавата на Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.