Пет години по доаѓањето на оваа власт дури сега ќе почнат да бираат нова локација за градба на нов клинички центар, пишува Никола Груевски на својот фејсбук профил.

Кон крајот на мај 2017 година тогашната власт ги заврши сите подготовки за почеток на градба на новиот клинички центар во Скопје. На тоа претходеа околу три години работа, подготовки, физибилити студии, истражувања, процедури, детални преговори со Банката за развој при Советот на Европа со седиште во Париз, која требаше под најповолни услови и најниски камати да го финасира градењето.

Градбата требаше да заврши за три години во 2020 година кога ќе беше отворен новиот со најсовремена медицинска опрема и апарати клинички центар.

Во мај 2017 година беше завршен тендерот за проектот, како и самиот проект за клиничкиот центар, беше направен и потпишан договор за градба со градежни фирми и договор за надзор на градбата, како и специјална проектна единица направена заедно со банката за спроведување и надзор на сите процедури до самиот завршеток на клиничкиот центар.
Се се одвиваше под стручен надзор на меѓународни експерти за градење и опремување клинички центри низ многу земји во светот ангажирани од банката, чии принцип на работа е таков.
Целокупната градба со целосно нова опрема и медицински апарати и комплетно нов медицински и нов мебел за админситрацијата и медицинскиот персонал беше предвидено да чини се вкупно 130 милиони евра.
И само што требаше да почнат да работат багерите и другата градежна механизација на теренот, дојдоа “ослободителите”.
Се застана. Се не чинело, тие ќе направеле подобро.
Во ред. Фирмите што веќе беа потпишале договори безпоговорно се повлекоа пред новата разулавена власт, која опиена од моќта која и покрај поразот на изборите ја доби бараше кого да нападне со измислени кривични пријави, ако само малку и се спротистави. Преставниците на банката со нескриен гнев и подбив кон чекорите на новата власт се повлекоа напуштајќи го повеќегодишното труд да се дојде до таа фаза.
И што се случи?
Брзо се виде која била идејата. Најавија наводно брзо почнување на градба на нов клинички центар но на друга локација, некаде на крајот на градот или вон него, некои празни ниви на крајот на Ѓорче Петров, идеја која и ние ја разгледувавме но ја напуштивме како неповолна.
Од таму само да се изгради или зајакне инфраструктура на канализација, струја, вода, гас, телефонија, широки патишта и булевари важни за брз проток на возилата за итна помош до центарот и другите делови од главниот град и да се изградат патни приклучоци кон обиколницата заради потребите на другите градови и слични инфраструктурни зафати ќе требаше стотици милиони евра и барем една деценија подготовки и градење (за се поединечно треба физибилити студии, проекти, тендери, нови или менување на дупови, катастри, експропријации итн).
Но што беше најголемото изненадување?
Наместо вообичаен тендер за изработка на проект а врз основа на тој проект објава на меѓународен тендер за градба, за прв пат за ваква работа приемнија тендерска методологија која е смислена во Законот јавни набавки за да се применува од страна на општините и градот Скопје и тоа исклучиво се користеше само за новогодишни прослави каде фирмата понудувач на услугата го осмислува проектот по нејзино видување и го нуди по одредена од неа формирана цена, а тоа е главно заради уметничкиот дел од прославата и ангажманот на пејачи со различен квалитет, популарност и цена.
Според оваа методологија, секоја фирма кандидат може да осмисли свој проект каков што мисли дека треба и да побара каква сака цена за тој проект, без некој друг за тој ист проект да даде понуда, туку секој си прави свој проект со различен дизајн, големина и други параметри и за него си дава своја цена, а власта бира кој од понудените проекти со конкретни цени за секој од нив, најмногу и се допаѓа, но цената на градбата не е главен критериум при изборот на победникот.
Тој метод е смислен како што кажав само за организирање новогодишни прослави каде што секој понудувач предлага различен пејач или музичка група, други изведувачи и забавувачи и секој формира различна цена согласно цената и популарноста на тој пејач, музичка група или забавувач, а општината или градот Скопје бира кој пејач цени дека најмногу би ги направил задоволни граѓаните, ако нормално може да си дозволат да го платат. Во спротивно, ако се бира најевтината понуда, секогаш би победувала фирма-понудувач со најнепопуларниот и најевтин пејач кој никој нема да сака да дојде да го слуша.
И така “ослободителите” дојдоа до некои австриски, француски и незнам какви компании, кои според она што јавно се говореше понудија свои проекти кои чинеа по 500 или 600 милиони евра.
Значи од 130 милиони евра на 500-600 милиони евра, плус уште 100-200 милиони евра за потребната инфраструктурна. Можеа и 800 милиони евра да стават ако така се договореа бидејќи понудувачот сам ја формира цената и висината на сопствената заработка.
Бидејќи знаеја дека за тоа можат да одговараат некој ден, сакаа ова да помине преку парламентот и се чудеа зошто тоа им се закочило во парламентот.
Ако не им се допаѓаше локацијата кај сегашниот клинички центар, имаа цели пет години да изберат нова и да направат проект за нов клинички центар на таа нова локација, онаков како што најстручните лица кои ќе ги ангажираа сметаат дека и треба на Македонија, па истиот проект да го ставеа на јавен меѓународен тендер за изведувач/градба и да добиеја понуди за градба на тој проект од градежните компании па да ја изберат најевтината со сите претходно утврдени критериуми за квалитет. Но, тоа не им одговараше.
Сега смислиле нова идеја. Заедно со другите партии одново ќе бирале нова локација.
Незнам дали идејата им е повторно по истата методологија за јавни набавки на уметници и пејачи да изберат проект за клинички центар кој ќе биде со ултра висока цена со веројатно однапред договорена фирма, или се ќе е нормално и регуларно како и кај секој друг тендер за проектирање и градба на различни објекти вклучувајќи и болници? Ако е првото, пак ќе соочат со проблеми, порано или подоцна. Со обзир дека таму има нов министер би му советувал да си оди по регуларна процедура без егзибиции, во која не му треба ни парламент, ни партии, ни политика, ни ништо, туку само добар стручен тим и меѓународно искусни советници кои по нормален и регуларен пат ќе го полнат и завршат проектот. Такви процедури преку парламент се потребни кога има само една држава која е подготвена да кредитира некој крупен проект и инсистира да гради фирма од таа земја.
Таа пак методологија за јавна набавка која ја планираа претходно нека им ја остави на општините да им олесни за прослави за нови години при избор на пејачи.
Соседна Србија ги почна процедурите за нов клинички центар во Белград после нас и веројатно ги провери нашите првични искуства во таа почетна фаза. Во меѓувреме тие го завршија и изградија новиот клинички центар кој веќе работи а нашиве “ослободители” пред година-две наместо да го отворат целосно завршен нашиот нов клинички центар, пратија делегација да го разгледа и да собере искуства, за сега да кажат дека тек сега нова локација ќе бираат а во меѓувреме уште ги проучуваат искуствата на Србија.
И да не заборавиме. Локацијата која ние ја одбравме е истата каде сега е клиничкиот центар во центарот на главниот град каде со децении функционира. Можеби не е, а можеби е нај идеална, но е најповолна. Најпаметно им е да си се вратат на тој готов проект ако сакаат во овој мандат барем до пола да го завршат клиничкиот центар.
Потпишаниот договор за целосна градба, нова медицинска опрема и апарати и нов медицински и мебел за админситрацијата за новиот клинички центар, се заедно според договорот од јавната набавка чинеше 130 милиони евра, со целосна контрола на целата процедура од Банката за развој при Советот на Европа.
Да видиме што ќе потпишат тие и кога.
П.С. И да ги потсетиме. Кога дојдоа на власт на пола ја запреа градбата на клиничката болница во Штип и болницата во Кичево. Пет години поминаа…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.