Колку требало некој да е заслужен, способен, паметен и истакнат да византискиот цар во деветиот век, од сите во Византија го одбере и испрати во Моравија на барање на тамошниот кнез некој да дојде, да биде испратен за да ја прошири христијанската вера.
Колку требало некој да е моќен за да ја создаде првата словенска азбука – глаголицата, како прва азбука искористена да се препише старословенскиот јазик, пишува во својот статус на Фејсбук Никола Груевски.

Колку требало некој да е заслужен, умен, славен, почитуван и нашироко прифатен за векови по раѓањето и воскреснувањето на Исус Христос и векови по заминувањето од овој свет на 12 апостоли- следбеници и ученици на Исус Христос, кои оставиле богато духовно наследство за човештвото и христијанството пред се, Светата црква да го прогласи за рамноапостолен, или рамен на апостолите, светци Еднакви со апостолите, заради заслугите за афирмацијата на христијанската вера, како што ги има прогласено двата брата од Солун Св.Кирил и Методиј кои го прават веројатно најголемиот продор во ширењето на христијанството и паралелно и првото словенското писмо девет века после Христос.

Колку требало некој во деветиот век да е славен и почитуван и меѓу властите, и во црквите и меѓу народот, и во Цариград и во Рим, и во Солун и во Венеција, и кај Хазарите (територии на денешна Украина, делови од Русија, Грузија, Ерменија, Азербејџан…), и во Моравија (територија на денешна Чешка, Словачка, јужна Полска, северните делови на Унгарија и Австрија…), каде отвориле училиште, во кое ги подготвувале идните свештенослужители и учители за западните словенски народи, престојувале и во Панонија итн, но и на територите помеѓу нив, а и пошироко од нив? На мисија биле испратени дури и кај Арапите (Сарацените) во Багдад, како дел од дел од политичката програма на Византија чија основна цел била да ги христијанизираат народите на исток и север од Византија и да им ја наметнат византиската црковна власт.

По смртта на Кирил, Методиј меѓу другото се посветил на државна и воена служба и подолго време управувал со брегалничката област.

Ја надминале славата во Источната православна црква со тоа што во 1880 година Папата Лав 13. ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980, Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсијски.

Насекаде славени, со радост, почести и големо внимание пречекувани на највисоко државно и црковно ниво, но и често клеветени, затворани, па потоа ослободувани. Болни и со кревко здравје, но упорни. Познавачи на повеќе јазици и преведувачи од еврејски, латински, грчки и сириски на словенски, и тоа не на било што, туку на пример Библијата од еврејски. Најголеми мисионери на христијанството помеѓу Словените. Св. Кирил кој посетувал најсилни школи во тоа време е нарекуван како Кирил филозоф.

Колку требало некој да е заслужен за папата во Рим во тоа време свечено да прими некого со најголеми почести и да на негово инсистирање и аргументирање дозволи црковните книги и читања освен на дотогаш дозволените три јазици (еврејски, латински и грчки), од тој момент да може да се одвива и на словенски јазик.

Колку требало некој да е голем, влијателен и моќен, за по него неговите ученици едни да ги прогонуваат и мачат (на пример германските свештеници ги обвинувале за ерес и биле прогонувани, а некои завршиле и како робови), а други да ги бараат (кнезови, цареви…) и да ги ангажираат низ други земји и територии да ја продолжат мисијата за ширење на христијанството и писменоста.

И колку голема инспирација требало некој да биде за Глигор Прличев да го каже за него следното, како што го има кажано за Св. “Кирил и Методиј”: „Иако биле болни тие многу направиле за афирмација на Христовата вера, тие пак се трудеа, неуморно се трудеа додека го извршија великото дело, коешто не би можеле да го извршат ни цареви, ни императори, ни самите можеби Христови апостоли, ниеден од апостолите не покрстил толку души колку св. Кирил и Методи.“ Не само на Глигор Прличев, тие се инспирација на бројни уметници, сликари, поети, композитори, просветители, писатели, образовни институции, владетели…

Не случајно денот на Св. Кирил и Методиј е празник во многу христијански словенски земји, како што од 8. Фебруари 2007 година, по предлог на Владата а во претходни консултации со МПЦ, парламентот на Република Македонија денешниот празник го издигна на ниво на државен празник и неработен ден, афирмација на двата светци и просветители каква што немало претходно во Македонија.

Не случајно, Св. Кирил и Методиј во 2010 година добија свој огромен споменик во центарот на Скопје, нивното име почна да го носи еден од клучните булевари во центарот на главниот град од 2012 година, а нивните имиња се најдоа како имиња на повеќе спортски сали, спортски игралишта и нови училишта и образовни институции.

Светите браќа како основоположници на словенската писменост и литература и заслужни за културниот развој на сите словенски народи, вклучувајќи го и македонскиот, заслужено добија фигури изработени од восок во новиот археолошки музеј на Република Македонија поставени во поставка со артефакти и уметнички слики поврзани со периодот на нивното просветителство и по него, а владата која ја предводев финасираше пишување и издавање на мноштво книги, истражувања, организирање научни конференции, изработка на монографии, енциклопедии, трудови и други дела поврзани со Св. Кирил и Методиј, како и со Св.Климент и Наум исто така.

Се финасираше и изработка на документарен филм за Св.”Кирил и Методиј” и редица други активности во правец на афирмација на нивниот лик, живот, мисија, дело и наследство.

Ништо не е случајно…
Нека е честит државниот и верски празник посветен на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј!

На оние кои го носат нивното име нека им е честит именденот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.