Поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, речиси два месеци е во Будимпешта каде доби политички азил од Владата на Унгарија. Во јавноста секојдневно се шпекулира каде Груевски престојува и што тој прави во Будимпешта. Се пишуваше и говореше дека тој престојувал во елитен хотел, a македонски медиуми го бараа и во вилата на премиерот Виктор Орбан.

Во разговор за „Инфомакс“, лице блиско до Груевски вели дека тој престојувал кај пријатели во Будимпешта како гостин, како и дека екс-премиерот признал дека му била нудена ослободителна пресуда доколку ги прифател понудите од СЈО да им стане соработник и даде јавна поддршка за договорот со Грција.

Како што истакнал тој, надвор од работното време бил повикан во обвинителството на Јанева, каде му било понудено да стане нивни соработник и како што вели тој да им помогне невини луѓе да станат виновни, а во прв ред Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Гордана Јанкуловска и уште 2-3 други лица, со давање до знаење дека СЈО на секој начин ќе го заштити него.

Тој посочил и дека минатото лето и непосредно пред неговото заминување во ноември, имал конкретни понуди поврзани со негова јавна поддршка за договорот со Грција или евентуално негово убедување и обезбедување неколку пратеници да гласаат за промената на Уставот, тоа од Груевски било одбиено.

Поранешниот премиер ги демантирал и наводите дека премиерот Зоран Заев му помогнал да избега, велејќи дека тој него би го удавил во капка вода, а не пак да му помогне да ја напушти државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.