По синоќешните апсења и притвори за поранешните функционери на ВМРО-ДПНЕ, Спиро Ристоски, Миле Јанакиески и Трајко Вељаноски, на Фејсбук се јави и поранешниот рпетседател на Владата на Република Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Петтемина поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, од кои тројца беа приведени вчера, а двајца се водат како недостапни, се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Трајко Вељаноски, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошкоски, всушност, се осомничени за истото дело како и повеќето од триесетината обвинети во големиот судски процес за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.

Политичкиот прогон против мене и против многумина од ВМРО-ДПМНЕ продолжува.

Малку им е обвинението и незаконската политички нарачана казна затвор дека сум влијаел да се набави блиндирана кола бидејќи сум сакал да бидам награден со тоа што и јас како премиер понекогаш ќе сум бил превезуван во неа покрај странските гости.

Малку им е апсурдното обвинение дека сум барал автопатот Кичево-Охрид да се заврши побрзо наместо побавно оти сум сакал граѓаните да ме наградат со тоа што ќе гласаат за мене на следните избори.

Малку им е обвинението дека наводно сум нарачал шамари кои никогаш никому не биле удрени.

Малку им е обвинението дека сум злоупотребил службена должност со тоа што општината срушила недоизградена класична и подоцна од судот потврдена дивоградба за која и самиот инвеститор признал дека е дивоградба давајќи барање до општината да му се преиначи градежната дозвола и да биде согласно веќе почнатата дивоградба.

Малку им е обвинението каде без еден доказ, сведок против мене или мој потпис ме обвинуваат за неправилно финасирање на партијата оти некој донирал па после дал изјава дека не донирал или дека не се сеќава дали донирал 500 или 1000 евра на партијата.

За сите овие лажни обвиненија за кои уште немам пресуда нарачателите на прогонот проти мене веќе побарале од судот да ми одреди максимална казна затвор од законски можната.

Малку им е тоа.

Сега решиле за почеток да ме осомничат а потоа и обвинат за непостоечки тероризам.

Очигледно е дека оваа неспособна и недемократска марионетска влада нема друг начин како да ја покрие својата неспособност и своите чекори кои се штетни за државните и националните интереси на Македонија, својот криминал, непотизам и корупција на секој чекор, па мора тоа постојано да го прави преку неправедни осомничувања, обвинувања, судења и затворања на политичките неистомисленици. Преку лажни спектакли и процеси кои еден ден ќе бидат нивни срам и страв од казна за ова нивно злодело, а дотогаш наша голгота.

По којзнае кој пат ќе повторам.

Ниту сум организирал, ниту сум дал согласност некој да организира насилен упад во Парламентот и физичка пресметка со пратеници. Напротив, прв од сите политичари веднаш штом дознав побарав смирување на состојбата преку социјалните мрежи бидејќи тој и претходниот ден бев на пат во Виена.

Ги повикувам од ОЈО да ги објават јавно доказите против мене.

Да ги видиме матерјалните докази или какви и да има докази, па макар и некој лажен, нерелевантен или уценет сведок или загрозен осомничен или обвинет во некој случај.

Многу би сакал да ги видам доказите за нешто што не само што не сум го сторил, туку гледајќи како власта го иритира народот, сум стравувал некој друг во такви околности да не го стори тоа, а целата вина и целата негатива да падне на грбот на ВМРО и нејзините членови и функционери.

Сакам јавно да слушнам како тоа од позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ сум можел да влијаам на министерот Нухиу (кого мислам дека не го ни запознав лично, а како министер бил прв одговорен за редот и мирот во земјата во која главен настан беа протестите и тензиите во и пред парламентот), или на било кој друг функционер од МВР, во правец како што пишува во соопштението на ОЈО да се намалеле полициските сили пред Парламентот.

Го повикувам ОЈО да ги презентира наводните докази против мене пред цел народ, пред цела јавност. Докази за нешто што не е сторено.

Ајде, не купувајте време, не се вадете на флоскули од типот „истрагата е во тек“ или „од истрагата ќе произлезе…“ или „истрагата е тајна…“ и слични празни флоскули. Ова не е обичен случај, туку случај кој го следи целокупната домашна и меѓународна јавност и не може наводните докази да бидат само во вашите фиоки.

Кога знаете после скоро две години од настан за кој непрекинато се зборува во јавноста и за кој дел од осомничените ги каневте на распит, што значи знаеја дека се опфатени во предистрага, да ги притворате за да не влијаеле на сведоци или да не избегале, како божем досега во цели две години да не можеле, тогаш треба јавно да ги покажете и доказите.

За мене знам дека ги немате. А верувам дека и за останатите немате нешто што може да се нарече доказ. Ако е доволно некој да го обвинете само затоа што подржувал мирни протести, тогаш имате причина да ги уапсите сите политичари во земјата, бидејќи сите некогаш подржувале некои мирни протести, но и речиси цел народ бидејќи најголем дел од народот во различни времиња или околности подржувале некои мирни протести за една или друга работа.

Но, ако обвинувате некого за организирање упад во парламентот и физичка пресметка на пратеници и уште тоа го нарекувате тероризам и барате казна од најмалку 10 години затвор, тогаш за тоа се потребни цврсти, недвосмислени и силни докази и секако нивно јавно презентирање.

За осомничениот Никола Груевски Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе бара проширување на барањето за екстрадиција, изјави јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески.

Преку Министерството за правда, Обвинителката Вилма Рускоска ќе бара проширување на барањето за екстрадиција, за да може за ова тешко дело по член 313 од Кривичниот законик, Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, тој да биде испорачан и суден, вели Јовески.

Истото ќе биде побарано и за осомничениот во оваа истрага, Никола Бошковски од УБК, кој е избеган во Грција.

Во оваа истрага, која долго време беше во предистражна фаза, осомничени се и Владимир Атанасовски, ексдиректорот на УБК кој веќе е во притвор, Миле Јанакиески и Спире Ристовски кои исто така добија притвор и уште синоќа беа однесени во затворот во Шутка, како и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.

Вељаноски беше единствениот кој синоќа си замина дома, бидејќи се повика на пратеничкиот имунитет. Основниот суд Скопје 1 ќе бара од Собранието да му биде симнат имунитетот за да може да постапува во врска со барањето притвор против него.

За паравоен штаб во ВМРО-ДПМНЕ првпат зборуваше пред судот обвинетиот Александар Василевски – Нинџа. Тој и уште тројца обвинети треба денеска да го дадат завршниот збор. Со тоа ќе заврши судскиот процес за извршителите на организираниот напад на Собранието, но кои не се сметаат за главни осмислувачи на нападот и на сè што му претходеше со месеци наназад.

Обвинителката Рускоска потенцираше дека никогаш обвинител не се потпира само на изјави од сведоци. Кажа пред новинарите дека секоја изјава мора да биде поткрепена со материјални докази. Но, не открива сè уште какви докази има за Груевски дека го испланирал и координирал нападот и настаните што му претходеа, почнувајќи уште од протестите пред Државната изборна комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.