Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедници, како и висок функционер од ДУИ, Артан Груби, изјави дека во парламентарното мнозинство се добредојдени сите партии кои се залагаат за европската иднина на државата и отворање на преговорите со Европската Унија.

Во моментов разговараме не само со Алтернатива туку има контакти и со други политички партии што се дел од Собранието за да се приклучат на парламентарно мнозинство или да го поддржат и мислам дека сите тие што сакаат да ја видат Македонија во ЕУ ќе се приклучат кон ова парламентарното мнозинство. Јас сум уверен дека Заев ќе ја почне процедурата за нов претседател на СДСМ, ова е процес што не завршува за еден ден, туку мислам дека ќе трае еден месец и дотогаш се надевам дека ќе имаме стабилно парламентарното мнозинство и да продолжиме со реформи преку, првично одобрувањето на буџетот на државата, но и решавање на спорот со Бугарија – одговори Груби, одговарајќи на новинарско прашање за време на одбележувањето на 113-годишнината од Битолскиот конгрес и 14-годишнината на постоењето на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија.

Груби информира дека во текот на вчерашниот ден разговарал со премиерот Заев за средбата што ја имал со Алтернатива, и оти денеска ќе имаат нова средба во врска со случувањата со новото парламентарно мнозинство. Груби нагласи и дека во разговорот не станало збор за кадровски прашања поврзани со евентуалниот влез на Алтернатива во Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.