Владеењето на правото, реформите во јавната администрација и пописот беа темите на кои се осврнаа првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и новиот амбасадор и шеф на делегацијата на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гир.

Груби рече дека досегашната соработка со Делегацијата на Европската Унија во земјава била и ќе остане на највисокото ниво. Тој го увери амбасадорот Гир дека како координатор на ресорните политики ќе обезбеди кохезија во владината коалиција и ќе ја надгледува координацијата и исходот на процеси и спроведувањето на програмата. Груби на европскиот амбасадор му пренесе дека патот на неселективната правда и владеење на правото ќе се постигне само преку целосна транспарентност и ветингот кон сите носители на јавни функции, судиите и обвинителите.

За време на состанокот помеѓу Груби и амбасадорот Гир, се разменија мислења и за динамиката на спроведувањето на реформите, кои се очекува уште повеќе да се зголемат по отворањето на преговорите со Европската Унија. По овој повод, Груби му нагласи на Гир дека Владата е посветена во спроведувањето на реформите во јавната администрација.

Амбасадорот Гир за време на состанокот со Груби подвлече дека за Европската Комисија и институциите на ЕУ, спроведувањето на реформите во судството, владеењето на правото и одржувањето на добрите меѓуетнички односи, како и добрососедските односи се исто така важни, со цел да се докажат европските вредности за време на процесот на интеграција во ЕУ.

Двајцата соговорници разговараа и за правичната и соодветна застапеност во државните институции, но и во приватните компании, домашни и странски, со акцент на уставниот принцип на фер и соодветна застапеност за сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност.

Груби и Гир разговараа и за организирањето на пописот на населението, процес што тие оценија дека успешно ќе биде завршен во текот на следната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.