Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби со допис соопшти дека поради, како што вели, преголеми  други обврски не е во можност да учествува во работата на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање.

На денешната седница на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, пратеникот на ДУИ Груби, заедно со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Димков,  беше предложен да учествува во работата на тоа тело.

Во врска со заклучокот на Комисијата во кој сум предложен да учествувам во работата на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање,  поради преголеми други обврски Ве известувам дека не сум во можност да учествувам во работата на оваа Комисија, пишува во писмото на Груби до претседателот на Собранието и до претседателот на собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање.

Комисијата денеска ги избра членовите Димков и Груби кои, како што рече претседателот на Комисијата Трајко Вељаноски, се предложени по претходна консултација со политичките партии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.