Замениците претседатели на владите на Република Македонија и Република Косово, Артан Груби и Албулена Баљај-Халими најавија одржување на заедничка седница на владите на двете држави во текот на првата половина на јануари идната година, јавија дописникот на МИА од Приштина.

На денешната заедничка прес-конференција во косовскиот главен град, Груби и Баљај Халими најавија дека на зедничката седница ќе се потпишат повеќе договори за меѓудржавна соработка во разни области.

Груби, кој престојува во еднодневна работна посета на Приштина, изјави дека македонската Влада изразила подготвеност за што поскорешно одржување на заедничката седница, која е досега одложувана поради пандемијата, но и поради изборите во нашата држава.

Првиот вицепремиер во македонската Влада предложи заедничката седница да се одржи во Скопје.

Имаме многу договори за потпишување, кои се подготвени уште во месец јуни, но имаме пандемија и имавме избори и таа седница се одложи. Ние можеме во наредните неколку недели да се подготвиме за седницата и предлагам таа да се одржи во Скопје, најдоцна во првата половина на јануари идната година, рече Груби.

Тој информира за некои од проектите за кои разговарал со неговата косовска колешка, меѓу кои е поврзувањето на Косово со гасовод преку Македонија, како и изградбата на автопатот од Скопје до Блаце на границата со Косово.

Меѓу темите за кои разговаравме е интерконекцијата со гас, која ќе го поврзе Косово преку Македонија, за што е започната изработката на студија финансирана од инвестицискиот фонд за Западен Балкан. Тоа ќе биде од интерес за косовските граѓани, не само поради цената, туку и поради заштитата на животната средина, Разговаравме и за автопатот Скопје-Блаце кој ќе се поврзе со косовскиот автопат до Приштина. 90 отсто од експропријацијата на земјиштето е завршено и останатиот дел и работите веќе се започнати, со цена од 14 милиони евра и верувам дека тоа ќе се заврши идната година, изјави Груби.

Баљај-Халими изјави дека на денешната средба се разгледани меѓудржавната соработка и договорите за кои станало збор при неодамнешната средба во Скопје на премиерите на Македонија и Косово, Зоран Заев и Авдулах Хоти.

Разговаравме за можните договори за кои расправаа и премиерите при посетата на Хоти на Македонија, за заеднички граничен премин, за да не се малтретираат граѓаните на два премини. Расправавме и за физибилити студија за патот Призрен-Тетово, која ќе ја реализираме наскоро, изјави Баљај-Халими.

Двајцата вицепремиери, според Баљај-Халими ја разгледале и можноста за изградба на туристички центар на Шар Планина, со користење на потенцијалите на Брезовица на косовска и Попова Шапка на македонска страна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.