Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедници, Артан Груби, на теркалезната маса по повод 20-годишнината на Охридскиот договор на тема „Важноста на Рамковниот договор за помалубројните заедници“ изјави дека правичната застапеност на помалите заедници во Македонија не е доволно реализирана.

Груби оцени дека не е доволно направено за нивната адекватна застапеност во јавната администрација.

Тоа мора да се унапреди и затоа во последните неколку месеци имам блиска соработка со Агенцијата за остварување на правата на заедниците и се надевам дека ќе успееме да ја поправиме таа слика. Во однос на употребата на јазикот сметам дека има голем напредок затоа што повеќето јазици на помалите заедници се официјални јазици во неколку општини. Истото се однесува и на симболите и културните особености. Но, во однос на правичната застапеност ќе треба да се направи многу повеќе – изјави Груби.

Тој зборуваше и за реорганизациајта на органите на државната управа, при што истакна дека се зборува за намалување на бројноста во институциите за над 20 отсто, со тоа што некои ќе се спојат, а други кои е утврдено дека нема потреба да функционираат понатаму, ќе бидат укинати.

Според најавите на Груби, министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе биде зајакнато со вклучување и на Комисијата за верски односи, со Агенцијата за млади и спорт, со Агенцијата за остварување на правата на немнозинските заедници и со други институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.