Нема ништо спорно во идеjата за државно субвенционирање компании кои ќе вработат припадници на етнички заедници. Се работи за правична и адекватна застапеност, но не само на Албанците, туку на сите граѓани каде што се тие малцинска заедница. Зборуваме за начини, идеи како да се надмине перцепцијата, но и фактичката реалност дека има моноетнички вработувања во приватниот сектор, а посебно во компаниите каде државата има удел. Се уште не е донесена никаква одлука, предлогот се разгледува и треба да се реши на ниво на претставници на коалицијата СДСМ – ДУИ. Сме го разговарале и за него има основа во владината програма – истакна вечерва првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Како што рече Груби во гостување на ТВ 24, реакцијата во јавноста за овој негов предлог покажала дека општеството се уште не е подготвено да ја прифати еднаквоста на сите граѓани во целост, и во обврски, но и во право.

Зборуваме не за вработување на Албанците во приватни фирми, туку за сите граѓани. Идејата е правична и адекватна застапеност во приватните компании, посебно во компаниите каде и државата има удел. Нема ништо спорно во тоа и не гледам причина за хистерична реакција. Правичната и адекватната застапеност не се однесува само на Албанците, туку на сите граѓани каде што се тие малцинска заедница. Притоа, квалитетот е секако приоритет – потенцира Груби.

Според него, во приватните компании, посебно во некои каде и државата има удел, правичната застапеност е минимална, скоро и непостоечка – не само за Албанците, туку и за Ромите, Турците, Власите и Србите во некои случаи, па и на Македонците во западниот дел од земјата: Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево – каде што Албанците се мнозинство.

Уставот со промените согласно Охридскиот договор предвидува адекватна, правична застапеност на етничките заедници. Јас на тоа се повикувам – напомена Груби.

На прашањето дали неговата позиција „прв вицепремиер” значи некаков приоритет над останатите потпретседатели во Владата и зошто е баш така наречена, Груби објасни дека околу нејзиното дефинирање немало воопшто никакви инсистирања или драми, ниту се работи за лична суета.

Напротив, моја задача, освен што го заменувам премиерот, е и да придонесам во координацијата на сите ресори и во кохезијата на реализацијата на владините задачи. Владата не е ниту двонационана, ниту двоетничка, ниту е Влада на Македонци и Албанци, туку на граѓаните на Македонија и е составена од СДСМ, ДУИ и другите партии кои се дел од коалицијата. Нема никакви поделби во Владата, има само многу подобра, поконструктивна атмосфера и поефикасно се работи. Министрите одговараат пред Собранието, пред граѓаните и пред Владата. Премиер е еден, тоа е Заев, како што е еден и првиот потпретседател на Владата, а тоа сум јас – рече Груби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.