Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, соопшти дека една третина од рамковните административци или вкупно 349 од нив, ги потпишале решенијата и од утре може да почнат со работа.

Во гостување на „Топ тема“, Груби напомена дека повеќето од овие лица, 143, се распределени во МВР, а останатите во Царинската управа, УЈП, Агенцијата за вработување… како што напомена Груби, согласно етничката структура, се работи претежно за Албанци, но и има и Роми, Македонци, Срби и Турци, додека Власи не.

Груби нагласи дека до крајот на неделата ќе се заврши со решенијата за сите рамковно вработени, а најдоцна за две недели сите ќе почнат со работа.

Многу сум задоволен од денешниот апслоутно успешен ден. Една третина за еден ден – истакна Груби.

Тој тврди дека рамковните вработувања не се нови и дека со нив нема да се зголеми бројот на јавната администрација, ниту ќе има какви било финансиски импликации.

МИОА ги има годишните планови за вработувања, достави допис до Министерството за политички систем со сите празни места согласно систематизацијата, направивме мечирање со нашата листа и согласно тоа совпаѓање, произлезе листата која е усвоена во Владата. Апсолутно тврдам дека не се нови работни места, нема никакви финансиски импликации – изјави Груби.

Проблемот со рамковните административци кои речиси една деценија не одеа на работа, првиот вицепремиер го лоцира во честите избори.

Рамковните вработувања беа успешна приказна, но затаи поради честите избори. Се наталожи огромна бројка и не успеа целосно распределувањето на сите административци. Системот функционираше до 2010 година, а потоа почна да затајува поради политичките проблеми. Секоја година имаше изборни циклуси. По вина на институциите не се вработени овие луѓе. Поради тоа мораше да се донесе лек специјалис во кој се определени роковите за нивна распределба – истакна Груби.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.