Осумдесет и еден пратеник во Собранието попладнево ги изгласаа уставните измени. Со 81 глас “за” и ниту еден против и воздржан, е донесена одлука за прогласување на сите амандмани кои произлегуваат од договорот од Преспа, а се носат со цел преименување на земјава во Република Северна Македонија. Ова се промените на Уставот денеска кои ги изгласаа пратениците:

Амандманот 33 гласи: Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

Во Амандман 34 зборовите „кои живеат во нејзините граници“ се заменува со „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници, граѓаните на РМ, македонскиот народ, и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.

Амандманот 35 гласи „Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“ се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

Амандман 36 гласи:

Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ;

Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани што живеат или престојуваат во странство;

Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината;

Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Со новиот текст изгласан денеска се менува третиот став кој сега гласи: Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.