Министерот Бујар Османи е должен да ја информира јавноста дали 28-годишната Бесмира Ејупи е вработена во македонското МНР и зошто била избрана за таква позиција, за Дојче Веле објаснува Славица Грковска, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење.

Според членот 9 од Кодексот за етичко однесување на членови на Владата, Османи е должен да одговара на прашања на јавноста за аспекти од работењето на институцијата со која раководи. Министерот за надворешни работи има обврска да биде транспарентен и да ја информира јавноста дали таа личност е вработена во институцијата, во каква постапка и зошто е токму таа избрана за таа позиција – вели Грковска за ДВ.

Всушност, ако вицепремиерката Грковска не добие одговор од МНР, таа е должна да преземе мерки согласно етичкиот Кодекс.

Засега одговор од МНР нема. Ејупи, за која се шпекулираше дека првично била предложена за генерален конзул во Њујорк на затворена седница на Владата, сега пак е во центарот на вниманието откако на веб-страницата „Отворени финансии“ беше обзнаено дека примала хонорари од неколку места, вклучително и од „Македонски Железници“, што претпријатието го потврди велејќи дека изборот на членови на надзорниот одбор го врши Владата.

Додека јавноста очекува одговори, за случајот се заинтересира ДКСК. За премиерот пак, случајот со Ејупи е „шовинизам кон жените“.

Јас гледам во континуитет, и тоа што не ми се допаѓа е една висока доза шовинизам од страна на опозицијата, особено насочена кон жените, тоа во континуитет се случува и тоа не е добро – изјави премиерот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.