Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, изјави дека ИТ кадрите не може и не смее да бидат третирани како администрација, затоа што тие тоа не се.

На овие кадри мора да им понудиме соодветни услови за да останат во системот, бидејќи без нив не е возможен напредок. Работиме на неколку модели коишто би требало да бидат решение за ИТ кадрите во државната администрација – вели Грковска.

При гостување во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77, Грковска оцени дека анализите што се направени преку ИТК Работната група се поразителни и покажуваат дека во државната администрација недостасуваат стручни лица во оваа област, а без нив нема напредок.

Таа нагласи дека процесот за дигитална трансформација на општеството мора да се работи системски, за предуслов за тоа е воспоставување на електронска лична карта која обезбедува електронска идентификација и електронски потпис, а услугите можат да се користат со еден профил.

Многу е важно во овој процес да бидеме внимателни, како држава не смееме да имаме повеќе парцијални решенија. Како држава ние уште во 2006 година се определивме за дигитална трансформација на општеството и тоа е наведено во ИКТ Стратегијата, која беше изгласана во Собранието – вели Грковска.

Таа додаде дека неминовно ќе дојде момент кога секоја институција ќе има електронски печат.

Тоа во целиот процес на дигитална трансформација на општеството ќе биде синхронизирано. Институциите и сега може да имаат електронски печат – изјави Грковска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.