Како и во минатите неколку години на овој ден, забележав дека челниците на власта на СДСМ предводено од Заев, Шеќеринска, Спасовски и останатите објавија свои ФБ статуси во кои главната поента е дека инцидентите на 27 Април 2017 година се антидемократски чин и дека виновни ги прогласуваат тогашното водство на ВМРО-ДПМНЕ, во прв ред мене лично но и другите кои се во судска постапка, како организатори и учесниците, односно граѓаните кои протестираа и особено оние кои влегоа во парламентот. И дека требало сите да одговараме, пишува на Фејсбук Никола Груевски, поранешен премиер и претседател на ВМТО-ДПМНЕ.

Неговиот статус го пренесуваме во целост.

Не пишуваат и не говорат дека анти демократски чин е противуставно, против законски и спротивно на деловникот, и без мнозинство, надвор од работното време и без присуство на претседавачот, по завршување на седницата, надвор од сите правила да назначат претседател на парламентот.
Не е ни анти демократски да не ти успее референдумот а да прифатиш меѓународен договор и смена на уставот со цел смена на името на државата и смена на идентитетот и историјата на македонската нација, како да успеал референдумот и како да гласале 51% а не 36% од граѓаните кои имале право на глас на тој референдум каде минимум предвидено за успешност е да излезе и гласа еден гласач повеќе од 50% од гласачите.
Не е ни анти демократски чин ако ти недостасуваат пратеници за смена на уставот, да уапсиш една група пратеници од опозицијата, да ги уцениш со 20 годишни затворски казни и да ги ослободиш на денот на гласање само ако прифатат да гласаат во твоја корист.
Јас мислам дека директни осмислувачи на сценариото за предизвикување на овие инциденти на 27 Април е самата денешна власт предводена од СДСМ, тогаш сеуште опозиција, или власт во доаѓање.
Пренагласеното покажување со прст кон политичкиот противник во секоја можна прилика, илјадници пати повторено, укажува на страв од откривање на вистинските креатори и осмислувачи, укажува на тоа дека и тоа како им е важно друг да биде прогласен за виновен, а тоа може некому да му е толку многу важно само доколку вината е кај него.
Зошто инаку би покажале со прст кон некого дека е организатор а знаат дека не е, без да имаат елементарен доказ и зошто би вршеле отворен и јавен а којзнае уште колку не јавен притисок на судот и судиите, за по секоја цена да утврди друг виновник, сега додека тие уште се на власт? – За да не се открие вистинскиот осмислувач на настанот после кој оваа власт доби голема подршка, што беше лесно предвидливо. Сега во време кога судскиот совет е целосно ставен под партиска контрола а на оние судии кои не се партиски контролирани од партијата на власта, во тек е генерална ревзиија и секој еден може лесно да биде разрешен ако не постапи според очекувањата на власта.
Зошто спротивно на законите, противуставно и со не деловничко гласање одлучија да бираат претседател на парламентот токму во време кога народот кој 60 дена по ред мирно и достоинствено протестираше беше пред вратите на парламентот?
Можеа да го направат тоа два часа или повеќе порано, или два часа или повеќе подоцна. Но, не им беше доволно тоа, бидејќи така главниот фокус ќе беше на нивниот криминален избор а не нешто друго.
Да, темпирале токму кога народот е надвор пред парламентот и преку ФБ будно следи што се случува внатре во салата а за таквиот директен пренос преку интернет се погрижија неколку пратеници на СДСМ.
Зошто после таквото гласање, одкако се заврши, знаејќи дека луѓето кои протестираа дојдоа до пред самите врати на собранието веднаш не заминаа од парламентот за што имаа доволно време пред да се отворат вратите на парламентот? Зошто останаа заради држење прес конференција која можеше да се одржи и на друго место и/или во друго време и во многу помирна атмосфера(на пример еден час подоцна во некој хотел или во клубот на пратениците).
Тие поигрувајќи си со чуствата на народот, кој протестираше во одбрана на уставот и законите и против тиранската платформа, веројатно поучени од некои стратези за управување со ваков вид кризи, посакуваа и провоцираа инцидент, за да со фрлање вина врз нас како партија и поединци од нејзиното тогашно водство, не прикажат како насилници и недемократска власт која не сака да се одкаже од власта на мирен начин, и со тоа да добијат силна подршка и надвор и внатре во земјата. За жал во тоа успееја. Засега. Додека еден ден не се разобличи и разоткрие се.
Ја следам и упорноста да ме прикажат мене како главен организатор, па Заев посочувајќи на тоа заборава дека тоа го прави без да посочи барем еден елементарен доказ, како што беше и кога во судот го тврдеше истото. Спомнуваат телефонски повик а немаат ништо од тоа, освен луди претпоставки, фантазии и лажни конструкции, ниту пак може да имаат бидејќи се е измислено во нечии болни умови.
Јас сум уверен дека сите овие од власта кои денес се распишуваа статуси и ги повторуваат истите досега сто пати кажани лаги -знаат се, но свесно лажат, бидејќи таквите лажни тврдења им личат политички погодни и корисни, ја тргаат вината од нив и уште посочуваат со прст фрлајќи ја вината на нас. Но, тоа е подмолно и нечовечки.
Исто како што додека секојдневно рекетираат, крадат и ја злоупотребуваат функцијата, прстот го покажуваат во други.
Спомнуваат дека јас потоа сум ги прогласил за виновни граѓаните.
Одкако вечерта претходно прв од политичарите медиумски преку телефон јавно апелирав да запре хаосот во парламентот, во мојот говор рано изутрината на 28 Април 2017 година јас имав две поенти.
Втората поента од тој говор на таа прес конференција се трудат да се заборави а првата ја искривуваат. Дури гледам на интернет како направиле скратена верзија од тој мој говор, каде само оди половина од говорот, односно првата поента.
Првата половина сумирано кажано беше дека народот погреши што подпаѓајки под очигледна провокација влезе во парламентот и со физичките пресметки да остави простор да е обвинет за насилство.
Втората, која се трудат да се заборави беше токму ова што погоре го кажав, сумирано кажано дека власта намерно и свесно го направи кршењето на уставот и законите во време кога знае дека пред парламентот има неколку илјади граѓани кои протестираат, и со тоа свесно и намерно испровоцира нивна реакција.
Потоа следуваше нешто што ќе влезе во историјата на политичките судења а тоа е обвиненија со лажна квалификација на сите обвинети-терористичко загрозување на уставниот поредок.
Тоа е лажна квалификација, бидејќи таму немаше никаков тероризам.
Но, ако судењата подоцна беа со квалификација “насилство”, исходот можеше да биде и условни осуди, што и беше случај со повеќемина од првите осудени лица, кои судења подоцна во најголем дел новата власт одкако го стави судството под контрола, ги поништи и ги судеа за тероризам за да им одредат сурови неправедни казни од 10-15 или повеќе години ефективен затвор.
Пишуваат и дека сум организирал и сум ги навлекол луѓето на терористичко делување па сум избегал. Прво, непостои човек од кого сум побарал да влезе или да организира влез во парламентот ниту пак физички да се пресметува со пратеници. Напротив, во претходните недели јавно предупредував дека се чуствува дека состојбата е тензична и дека може да ескалира, барајки од СДСМ да се повлечат од намерите за кои претходно во изборната кампања негираа дека го планираат а кои создадоа огромен револт во јавноста.
Веќе две години се говори за моја изјава на телевизија Сител во која сум рекол луѓето да не седат дома во папучи. Обвинителството ја измисли таа реченица. Да, имав настап на Сител точно 61 ден пред да се случи инцидентот пред и во парламентот, време во кое веќе се објави договорот на коалиционите партнери заедно со главната точка во тиранската платформа, време во кое баравме да има нови избори и народот кој одкако виде што се намерава да одлучи за кого ќе гласа. Зборот “папучи” не постои во тоа интервју а е клучна поента на обвинението против мене.
А за тоа што пишуваат дека сум избегал, ќе потсетам дека јас заминав од Македонија и побарав и добив политички азил во земја членка на ЕУ и НАТО година и половина по 27 Април 2017 г. и една година по апсењата на полицајците, поранешниот министер Чавков, и учесниците во настаните кои веќе се судеа во очигледно монтиран и политички мотивиран процес, од судијката Добрила Кацарска. Истата судијка претходно во ист таков процес мене ме осуди во еден апсурден случај на набавка на блиндирано возило, а која паралелно со процесот против мене, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски, до пред самиот крај го водеше и донесе случајот “Поткуп”за барањето мито, кој иако полн со очигледни и законски прибавени докази, најдоа начин обвинетиот Заев да го ослободат од вина.
Како што најавив во неколку тогашни изјави во првата половина на 2018 година, бидејќи имаше и ми беше познато дека постои договор таа да ги заврши монтираните процеси и да биде наградена, Кацарска подоцна ја доби наградата од Премиерот и беше избрана за член на уставниот суд, каде нема граница за пензионирање до која беше блиску и каде мандатот е девет години.
Евентуалното мое останување во Македонија немаше никому да помогне, бидејќи заминав дури одкако го искористив сите правни можности за докажување на вистината во случај во кој пресудата беше договорена пред да почне судењето и одкога сите можни неправедни пресуди во врска со тој процес против мене завршија и намерата на власта беше да бидам затворен и со план подоцна и ликвидиран во затворот.
Инаку само денешните објави на владините челници и партиски првенци на СДСМ се сосема доволни оние постапки кои сеуште не се судски завршени да паднат на судот во Стразбург а вакви изјави во претходните четири години има во изобилство.
Со обзир дека овие лица се власт и најмоќните луѓе во државата во моментот, во земја како Македонија невозможно е таквите изјави да не влијаат на судиите кои треба да донесат пресуди.
Кога Премиерот, министерот за внатрешни работи, потпретседателот на владата и министер за одбрана и ред други функционери јавно ќе кажат со име или со опис кој за што е виновен во некој судски процес, судијата е под огромен политички јавен притисок и тоа судот во Стразбург не може да не го забележи, како што го забележал и соодветно пресудил во повеќе слични случаи во минатото во други држави.
Но, нив, на оваа криминална банда на власт, тоа не им е важно, не им е важно што државата еден ден ќе плаќа оштети, ниту им е важно што некои луѓе без вина во меѓувреме ќе страдаат по затвори, судења, и.т.н. со сите последици кои доаѓаат со тоа.
И онака тогаш нема да се на власт, па фокусирани се на краткорочните цели-пропаганда за оцрнување на политичкиот противник, со цел да го продолжат своето криминално владеење и да ја покријат својата одговорност во случајот 27 Април но и од многу други незаконски активности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.