Трите меморандуми со Македонија што произлегуваат од Договорот од Преспа, а веќе една година чекаат ратификација во грчкиот Парламент, според портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому ќе бидат ратификувани во, како што рече, „соодветно време во следниот период“, јави дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа што меморандумите беа дел од темите за кои разговараа шефовите на двете дипломатии Бујар Османи и Никос Дендиас на минатонеделната средба во Скопје, дописничката на МИА од Атина, на денешниот редовен брифинг со новинарите побара одговор од владиниот портпарол, дали постои нешто ново околу ратификацијата.

Во соодветно време, во следниот период, ќе биде и тоа, кусо одговори Иконому.

Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје, се трите потпишани меморандуми меѓу Македонија и Грција што произлегуваат од Договорот од Преспа, а во грчкиот Парламент беа доставени кон средината септември минатата година.

Оттогаш сè уште не е ставено на дневен ред, првично, нивното разгледување на надлежната комисија во Парламентот, а потоа и ратификација од пратениците, а од опозициската СИРИЗА, често ја обвинуваат актурлната грчка Влада дека поради внатрешните несогласувања во Нова демократија, намерно ја одложува ратификацијата.с

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.