Поддршката која Македонија континуирано ја добива од Грција на патот на евроатланските интеграции и развојот на трговската размена и инвестициите помеѓу двете држави биле теми на средбата на премиерот во заминување Зоран Заев со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиjас, во рамки на неговата официјална посета на државава.

Како што соопшти владината прес-служба, Грција е трет најголем инвеститор во земјава, а претендира во следниот период да дојде на првото место. Преспанскиот договор е извонредна можност за зајакнување на културните и економските врски помеѓу двете држави, велат оттаму.

Министерот Дендијас рече дека без разлика кој е на власт во Грција, секоја влада принципиелно се залага за имплементирање на заклучоците од Солунскиот самит со кој се поддржува интеграцијата на балканските земји во Европската унија. Дендијас додаде дека по барање на премиерот Мицотакис во следниот период ќе ја интензивира својата лоби агенда во европските центри на моќ, во кој ќе бара начин како Македонија што е можно побрзо да го почне процесот на преговори со Европската Унија.

Премиерот во заминување се заблагодарил за севкупната поддршка што земјава ја добива од Владата во Атина и се осврна на потребата за зголемување на економската размена, но и подобрување и отворање на нови инфраструктурни канали што треба да ја поддржат бизнис заедницата.

Кога бизнисот се развива, граѓаните во нашите две држави ќе имаат и подобар животен стандард, подвлече премиерот Заев, стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.