Во соопштение до јавноста проф. др. Солза Грчева, претседател на Глас за Македонија, најави тужба за клевета против министерот за локална самоуправа Горан Милевски и потенцираше дека тој не пријавил обид за негов поткуп, што е кривично дело.

Во вторникот, министерот Горан Милевски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, во живо и пред целата јавност изјави дека во 2014 година кога беше избран за пратеник (и тогаш и сега во улога на службено лице) му бил понуден поткуп во износ помеѓу 100.000-300.000 евраза да влезе во Собранието, а кој тој наводно го одбил.Непријавувањето на поткупот е кривично дело по Чл. 363 и Чл. 364 од КЗ, за што му следува парична казна или казна затвор од 1-3 години, рече Грчева.

Истовремено, додава професорката, направи дрски инсинуации на моја сметка, за што ќе поднесам приватна тужба за клевета според Чл. 172 од КЗ.

Правниот тим на пп Глас за Македонија официјално ќе достави допис до Основното Јавно Обвинителство – Скопје, а и до ДКСК, како иницијатива за официјална проверка на неговите јавно искажани наводи. Ова многу кажува и за моралниот  интегритет на еден висок владин службеник, кој сите ние го плаќаме од народни пари. Ќе бараме ОЈО – Скопје да го испита целиот случај со понудениот поткуп на министерот во Владата на Зоран Заев, Горан Милевски, вели таа.

Грчева вели дека секојдневно сме сведоци на криминални случаи во кои се инволвирани владини и други државни службеници, нивни роднини и пријатели, случаи кои на крајот завршуваат без разрешница.

Прикривањето на криминалот, како во овој случај, е најголемата закана за правната држава и е промоција на неказнивост, што стана евидентна одлика на Владата чиј висок функционер е посочениот министер. „Криминалот во највисоките ешалони на власта“ е впрочем редовно посочуван во секој извештај на Европската Комисија, потенцираше Грчева.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.