Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и денеска заедно со кандидатот за Претседател на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски ја продолжуваат својата работна посета на Брисел. Во текот на денешниот ден Мицкоски и Силјановска Давкова остварија средби со Хорст Хејтс Извршен Директор на СМЕ Европа, организација за мали и средни претпријатија која ја преставуваат над 400 илјади компании од Европа.

Мицкоски разговараше за пренесување на искуство и информации во поглед на изработка на квалитетна економска програма која ќе понуди решенија за компаниите во Македонија како и плановите за привлекување на бизниси во Македонија преку конкурентност на економијата и овозможување на поволна бизнис клима.

-Во редовна комуникација сме со македонските компании и можам да кажам дека сум добро информиран за недостатоците во бизнис секторот и проблемите кои тие се соочуваат. За жал не можеме да се пофалиме со добри бизнис можности во државата, а покачените даноци и административните бариери си го прават своето. Граѓаните се се понезадоволни, а тоа е индикатор дека е потребна економска преродба. Македонија поседува огромен потенцијал кој мора да се искористи, а иднината ја гледам преку поддршка на домашниот бизнис и умрежување и добра деловна соработка со европските и светски компании. Економијата ќе биде нашиот најзначаен приоритет и тоа ќе донесе подобар живот за граѓаните, посочи Мицкоски.

Гордана Силјановска Давкова посочи дека за функционална економија е правото и правна држава, и дека иако Република Македонија има сериозни проблеми на тој план работите може да се променат.

Економијата е најзначајна за македонските граѓани и затоа значаен дел во програмата за претседател ќе биде посветен на економската дипломатија со цел да се подобри животот на граѓаните, истакна Силјановска Давкова.

Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ оствари средба и со Хавиер Хуртадо Мира, претседател на заедницата на млади демократи на Европа. На средбата се разговараше за можностите за соработка и главните предизвици на младите во Македонија и Европа. Силјановска Давкова посочи дека еден од нејзините приоритети ќе биде поддршката на младите.

Сите сили треба да се концентрираат се што е од знаење во Република Македонија да се собере и да им се овозможат услови за развој. Треба да се потпреме на сопствените капацитети за да може навистина Македонија да стане пристојна европска држава, посочи Силјановска Давкова.

Попладнево се очекува средба со претседателот на Европската Народна Партија Жозеф Дол на кој ќе се разговара за актуелните прашања за Република Македонија.

Инаку во текот на вчерашниот ден по завршувањето на политичкото собрание на Европската Народна Партија Мицкоски и Силјановска Давкова имаа средба со претседателот на најголемата словенечка партија и поранешен премиер Јанес Јанша, како и со Потпретседателот на Европската Народна Партија и Претседател на Комисијата за надворешна политика на Европскиот Парламент Дејвид Мекалистер. Со Јанша се разговараше за можностите за јакнење на реагионалната соработка и искористување на потенцијалите на регионот во насока на промовирање на Европските вредности. Со Мекалистер беше разговарано за потребата од одржување на фер и демократски избори и му беа предочени нарушувањата кои се прават од страна на Власта на тој план.

Му ја пренесовме загриженоста за нарушувањата на изборниот процес и лошото искуство со бројните престапи од последниот референдум, како и отсуството на волја на власта во Македонија сето тоа да добие правна разрешница. Пријателот на Македонија Мекалистер се заложи за обезбедување на фер и демократски избори и со својот личен ангажман ќе се обиде да влијае да не дојде до крадење на изборната волја на граѓаните или креирање на недемократска атмосфера во пресрет на изборите, посочи Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.