Кoја институција да ја тужат граѓаните за непочитување на правото на чист воздух и здрава животна средина? Ова е едно од прашањата за кои десетина професори по кривично, уставно, административно право , академици и претставници на министерството за животна средина денеска дискутираа на научна расправа во МАНУ. Дел од дискутантите велат дека допрва треба да се отворат прашањата за усогласување на законите со ЕУ директивите, а темата според академик Владо Камбовски треба да биде опфатена и во Уставот како највисок правен акт.

Денеска таа заштита e исклучително слаба. Ако вие имате вакви драстични случаи како што е да речеме…рудник во близината на Скопје што работи без елементарна еколошка дозвола, да не ги спомнувам правните случаи на збрканост на носители на јавни функции кои кога ќе дојдат во допир со флагрантна повреда на животната средина, како на пример случајот Матка-тројца по хиерархија, збунети се кој од нив е надлежен“, рече академик Камбовски.

Според универзитетскиот професор Иија Ацески, во однос на заштитата на животната средина ние застанавме негде пред 30 години, кога започна процесот на приватизација и кога профитот е тој што ги определува главните правци и насоки на пример на градителство.

Ние не знаеме што е сега општ интерес. Правниците расправаат дури како да покренеме постапка во Македонија кога 3000 лица умираат како резултат на загаден воздух. Кого да тужите?“, вели универзитетски професор Ацески.

Според министерот за животна средина Насер Нуредини, проблемот во законите туку во нивната примена. Тој посочи дека не се согласува со забелешките од страна на говорниците дека одговорност треба да се бара само од неговиот ресор.

Еден коментар од професорите беше дека министерството нема доволно моќ и капацитет. Во иднина треба да дискутираме за ова , односно каде е улогата на министерството бидејќи јавноста очекува дека ние треба да бидеме одговорни за се. Ние сме одговорни за законите меѓутоа инспекторите ги прават инспекциите и контролите. Јавното обвиителство понатаму го следи целиот процес ако законот е прекршен“, рече Нуредини.

По завршување на дискусиите, МАНУ најави дека ќе изготви конкретна истражувачка програма што треба да ги опфати заклучоците од расправата за правната заштита на природата и животната средина, и судската заштита на правото на здрава животна средина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.