Граѓаните на Тетово ќе може да поднесат уште неколку апликации за субвенции за купување инверетр-клима, поради тоа што предвидените средства за субвенционирана набавка не се во целост потрошени.

Како што информираат од општината, домаќинствата кои се пријавиле на повикот, што траеше од 11 август, претежно набавувале инвертер-клима уреди со помала вредност од максималниот износ од 62 илјади денари. Поради тоа, останати се неискористени средства од предвидените кои се собираат за повторно да има доделување субвенции за граѓаните.

Комисијата се уште не ги има завршено постапките за да види за кој број ќе се повтори повикот за субвенционирано снабдување со инвертер-клима уред. До крајот на оваа недела ќе се знае точно дали ќе има, колку ќе има и како ќе течат постапките. Пред крај е со исплатите за тие што добиле и ќе се прави резиме колку од тие што аплицирале не ги исполниле условите – информира Беким Мемети, претседател на општинскиот Совет.

На 11 август Општина Тетово го објави јавниот повик до граѓаните за пријавување за субвенциорнирање за набавка и монтирање на инвертер клима уреди за 2020 година согласно владината одлука од декевмри 2019 за спроведување мерки за унапредување на животната средина.

Според јавниот повик, за вкупно 1.500 домаќинства се обезбедени субвенции, согласно принципот „прв дојден прв услужен“. Првиот повик траеше до 3 септември.

За да добијат субвенција за инвертер-клима освен соодветна документација, граѓаните требаше да предадат печка на јаглен, дрва или нафта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.