-Дали имате сознанија дали градинките ќе работат на втори јануари? Како родители кои работат во приватен сектор и ќе работиме на тој ден ќе се снајдат за чување на своите деца? Чинам одлуката на Владата требаше да биде категорична за сите, а не вака…
Ваков хаос настана еден ден по одлуката на Владата, на втори јануари да не работат вработените во јавната и државната администрација, а препорака е оваа одлука да ја следат и единиците на локалната самоуправа и приватниот сектор.
Граѓаните револтирани на социјалните мрежи пишуваат дека не е во ред да се одлучува селективно за неработни денови, како и дека немаат сите „баба сервсис“ за да во толку краток период обезбедат кој ќе им ги чува децата. За многумина градинката им е втор дом. Пишуваат дека работодавиците од приватниот сектор не се така великодушно расположени и дека сепак втори јануари за нив е работен ден. И овој пат според граѓаните ваквата недоволно обмислена одлука им прави само проблеми, а не добро или позитивно чувство во духот на празниците.
Кај граѓаните се јави и паника, што е со болниците/ амбулантите? Закажаните прегледи? Дали и тие нема да работат? Дел од нив кои треба да дојдат од други градови во клиниките во Скопје, коментираат дека им е навистина важно дали ќе им мрзне детето по патиштата или не.
Бурни реакции можеа да се видат и на твитер: „Роди ме мајко без совест, фрли ме во администрација“, е само една од многуте статуси со револт кои ја опишуваат состојбата во која власта непотребно ги стави граѓаните.
А само замисли да има повеќе неработни денови за приватниот сектор и да сочувствуваш со комшијата административец кога оди на работа, а ти не.
— b®g (@asimilacija) December 26, 2018
А овие нераспоредениве од администрација што уште седат дома и земаат плата и за нив е 2ри јануари неработен? #ПрашањаКоиМеМачат
— На Али Риза Постарата (@limuntabiet) December 26, 2018
29 – сабота
30 – недела
31 – понеделник (мезе на работа)
1 – вторник, неработен
2 – среда, НЕРАБОТЕН ЗА ПРИВИЛЕГИРАНИ
3 – четврток (ден од одмор)
4 – петок (ден од одмор)
5 – сабота
6 – недела
7 – понеделник, Божиќ
8 – вторник?Роди ме мајко без совест, фрли ме во администрација
— Бебешка (@LeCaffeine) December 26, 2018
На денешната седница, Владата донесе одлука први и втори јануари да бидат неработни денови за вработените во јавната администрација.
Пошо се искршија од неработење цела година па да одморат ден повеќе— Курвин Водењак (@Jovanowsky) December 25, 2018
Но има и такви кои сметаат дека сепак се работи само за еден ден и оправдуваат дека нема ништо лошо во тоа админситрацијата да не работи на втори јануари. Она што е важно како што пишуваат дека денот не се дава гратис туку ќе се „одработи“.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција во Владата рече дека денот мора да се одработи, бидејќи се работи за одлука која не е дел од законското решение, туку е одлука на Влада.
Се работи за дел од традицијата од минатото која е во интерес на граѓаните на Република Македонија. Владата го прогласи за неработен ден за јавната и државната администрација, а им препорачуваме на единиците на локалната самоуправа и на приватните компании, ако можат, да ја следат оваа одлука. Овој ден ќе се одработи во текот на годината бидејќи не е дел од законското решение, туку е одлука на Влада, појасни Бошњаковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.