Христијан Мицкоски во вечерашното интервју на Канал 5 оцени дека Владата не треба да се споредува со земји кои не се членки на ЕУ и не добиле вакцини, туку нека се спореди со оние држави кои не се членки на ЕУ, а сепак кај нив отпочна вакцинацијата.

Најблизок таков пример е Србија. Граѓаните имаат сериозна потреба од вакцините и тие мора да бидат набавени час поскоро, а не да слушаме на телевизија приказни за мали деца, изјави Мицкоски.

Според него, земјава се уште се соочува со пандемијата и секојдневно бележи бројки кои што не се за занемарување, туку напротив укажуваат на фактот дека вакцините се неопходни.

Политичарите од власта нека ги засукаат ракавите и нека смислат како да ги донесат вакцините во државата и вакцинацијата да отпочне, бидејќи и онака доцниме веќе неколку месеци, додаде Мицкоски.

Тој изјави дека СДСМ треба да знае оти на ВМРО-ДПМНЕ му недостасуваат само два пратеници за да ја урне сегашната Влада, а само три пратеници за ја да превземе власта.

ВМРО-ДПМНЕ будно ќе ги следи процесите во Собранието и вон него, а СДСМ нека биде уверен дека им следи пеколен период во 2021 во која ќе треба да се соочат со многу работи, изјави Мицкоски, додавајќи дека можеби во 2021 година ВМРО-ДПМНЕ нема толку многу да протестира, бидејќи таа улога ќе му ја препушти на СДСМ, кој, според него, може многу брзо да премине во опозиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.