Турканици и напнатост меѓу граѓаните кои чекаат да се вакцинираат пред и во поликлиниката Чаир. Возрасна жена на околу 80 години со закажан термин за ревакцинација и уште еден повозрасен маж не ги пуштиле да влезат и тие си заминале.  Во поликлиниката Чаир имало над 200 луѓе кои чекаат и внатре и надвор за вакцинација, но нема редари.

Како што пишува “Плусинфо”, тензично е пред влезот на поликлиниката. За вакцинација се пуштаат по десетина луѓе, има полиција и војници. Граѓаните се нервозни бидејќи чекаат и по неколку часа за да влезат и да ги боцнат. Причина за тоа е дека нема никаков ред бидејќи на исто место се пуштаат и тие кои доаѓаат да се вакцинираат без термин како и тие кои со закажан термин за ревакцинација доаѓаат во поликлиниката.

Тука е целосен хаос. Јас имам закажано ревакцинација во 9,30, а еве после час и половина веќе чекам, а дојдов и 15 минути пред терминот и никако да влезам. Еве како што гледате пред мене има околу 40-до 50 луѓе. Добро е што луѓето се интересираат за вакцинација, но метежот мора некако да се реши – вели нервозен скопјанец.

Граѓаните коментираат дека ситуацијата со турканиците мора надлежните некако да ја решат, бидејќи ова ги поминува сите граници, луѓето се нервозни, се караат меѓусебе без тие да се виновни за безредието пред вакциналните пунктови.

Срамота, не свадбите и прославите туку вакциналните пунктови се извор на зараза со корона вирусот – коментира скопјанка.

Во поликлиниката Чаир за прва доза се достапни  вакцините на Синовак и на АстраЗенека а во ретки случаи, најверојатно за помладите има и Фајзер. За ревакцинација ги има трите вакцини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.