Градинките и училиштата во кои настава посетуваат деца до трето одделение и натаму остануваат отворени. Надлежните велат дека засега ситуацијата е под контрола и оти нема ширење на зараза од коронавирусот во овие установи. Тие нагласуваат дека состојбата ја следат секојдневно и други мерки ќе бидат преземени само доколку се промени епидемиолошката слика.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вчера истакна дека според последната статистика, 60 ученици и 160 наставници на ниво на држава кои се со физичко присуство во училиштата се активни на КОВИД-19 и додаде дека се додека не се создадат услови за затворање на училиштата, би останал овој модел на настава.

На почетокот на оваа недела известивме колкав е процентот од вкупен број на ученици и ќе видите дека 0,05 проценти е заразеноста кај учениците и 0,6 проценти кај наставниците. Што значи не надминуваме ниту еден процент, немаме ширење на Ковид внатре во училиштата. Се додека не се создадат услови за затворање ние би останале на овој модел, рече Царовска.

Според неа, има можност за заменски наставници во секој момент доколку се случи позитивен наставник, а наставниците можат да продолжат да изведуваат настава онлајн во случај да се изолира целото одделение.

Сите држави во светот, а секако и СЗО и УНИЦЕФ препорачуваат училиштата да останат отворени. Секаде во свет се отворени. Ние немаме голем број. Тоа што е важно за нашиот систем, за нашата држава е да имаме континуитет во наставата и ние ќе се залагаме за истото, потенцира министерката за образование.

На ист став е и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која оцени дека состојбата во градинките е под контрола и оти тоа, како што рече, може да се види од досегашниот број позитивни случаи и лица во изолација, ако се има предвид дека во моментов околу 11 илјади дечиња се згрижени во овие установи.

Од отворањето на градинките на 9 септември до денеска регистрирани се вкупно 33 деца позитивни на корона-вирусот и 109 вработени. Во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца, информира министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Таа посочува дека поголемата бројка на деца во изолација е поради тоа што еден позитивен негувател или воспитувач во изолација повлекува цела група од најмалку 15 деца и еден негов колега.

Кога се зборува за изолација, додаде вчера министерката, треба да се нагласи дека тоа е бројка на лица ставени во изолација поради контакти, а не позитивни на коронавирусот.

Велиме дека состојбата е стабилна врз основа на фактот што 11 илјади деца во моментов претсојуваат во градинките. Од тие 11 илјади во изолација се ставени околу 650 дечиња. Будно ја следиме состојбата и како ќе се одвива епидемиолошката состојба така и ќе бидат одлуките што ќе ги носи и министерството и владата, рече Шахпаска.

По неколкумесечниот прекин, градинките почнаа со работа на 9 септември. Училиштата ги отворија вратите за физичка настава само за учениците до трето одделение. И едните и другите работат под посебни протоколи за функционирање во услови на пандемија предизвикана од КОВИД-19. Останатите ученици наставата ја следат онлајн.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.