Собранието денеска ја започна 18. седница беа донесени две одлуки за испраќање припадници на Армијата во мисиите УНИФИЛ во Либан и Алтеа, како и неколку ратификации на договори и спогодби. Иако, претходно беше најавено на собранискиот сајт, измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, по скратена постапка, не беше ставен на дневен ред на оваа седница. Во него требаше да бидат вметнати измени и дополнувања во контекст на владините мерки за заштита на населението од Ковид-19.

Пратениците ја изгласаа и потребата за носење на закон за задолжување заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството, по скратена постапка. Законот ќе биде донесен откако за него ќе одлучуваат матичните собраниски комисии и ќе помине амандманската расправа.

На денешната седница пратениците ја изгласаа одлуката за испраќање двајца штабни офицери, припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“ во Република Либан. Штабните офицери мисијата ќе ја започнат во јануари 2021 година, а во УНИФИЛ ќе бидат до јули 2021 година.

Исто така на седницата беше изгласана и одлуката за испраќање на припадник на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина.

Пратениците ги донесоа и законите за ратификација на Договорот меѓу македонската и Владата на Сојузна Република Германија за соработка во борбата против криминалот, на Спогодбата помеѓу нашата и Владата на Црна Гора за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во двете земји, Договорот со Република Србија за соработка во областа на борбата против криумчарење мигранти, како и Спогодбата помеѓу македонската и српската влада за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.