Годинава ќе бидат набавени двојно повеќе дози вакцини за сезонски грип.

Како што објаснува министерот за здравство, Венко Филипче, тоа се прави поради тоа што во некои земји се препорачува вакцинирање на поширок дел од населението, со цел да се одбегнат потешки компликации доколку дојде до вкрстување на болеста со корона вирусот.

Вакцина против сезонски грип за лицата над 65 години и за други ризични групи веќе извесно време е бесплатна.

Оваа година од вообичаената бројка од 28 илјади вакцини, ние набавуваме 40 илјади и плус 20 илјади добиваме преку донација. Значи ќе имаме 60 илјади вакцини, двојно повеќе од тоа што сме имале претходните години. Со оваа вакцина ќе бидат опфатени повеќе ризични групи кои што сметаме дека треба да се вакцинираат, меѓу другото и здравствените работници кои ќе одлучат да ја примат, со оглед на тоа што не е задолжителна вакцина. Дали ќе има вкрстен имунитет со кој оваа вакцина ќе штити и од Ковид-19 тоа не го знаеме со сигурност. Вакцината штити сигурно, со оглед на тоа што е четиривалентна, од претпоставените вируси на сезонски грип или може да се јави сосема лесна форма на болеста, но апсолутно е препорачлива за луѓе кои веќе имаат хронични болести. Освен ризичните групи за кои вакцината за сезонски грип ќе ја добијат бесплатно, ќе има одредени колични и за комерцијална продажба – изјави министерот за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.