Судијката на претходна постапка за организиран криминал од Кривичниот суд Весна Димишкова утрово е на распит кај шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, „да даде потребни известувања“, како што потврдуваат од обвинителството за 360 степени.

Неофицијално, Димишкова е на распит по пријава на Орце Камчев дека и таа била во рекетарската шема со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.

Името на Димишкова, но и на нејзиниот брат Васе, адвокат од Скопје, се среќаваат во пријавата на Орце Камчев на рекетот во обвинителството на Рускоска. Во исказот што го објави Инфомакс пишува:

Веднаш по притворувањето, поточно во неделата на 10 ноември, во стан на тајна локација во Капиштец била повикана сопругата на Орце Камчев, Ана Камчева.

Јас бев притворен како што кажав на 8 ноември, петок, а во неделата мојата сопруга беше повикана од Зоки Милевски да се сретнат со Васе Димишков, адвокат од Скопје. Во вечерните часови, ден недела, мојата сопруга била однесена во таен стан во населбата Капиштец. Во станот биле мојата сопруга со Зоки, а Васе Димишков ги чекал во станот, појаснува бизнисменот Камчев во пријавата до обвинителството за организиран криминал.

Увертирата во земањето рекет, адвокатот Димишков ја започнал со тоа што на сопругата на Јордан Камчев почнал да и соли памет дека уште летоска му кажал на нејзиниот сопруг дека требало „да пушти некој денар“ за да се подмачкале истрагите против него, а тој да си бил мирен. Васил Димишков, инаку брат на судијката Весна Димишкова, уште во август 2018 година се обидел да изнуди пари од Орце Камчев. Бизнисменот тоа не го сфатил за сериозно тогаш, иако Димишков му предочил дека против него има распишано посебни истражни мерки. Камчев одбил било каква соработка со Димишков, бидејќи како што тврди се чувствувал невин и дека дури да имало ПИ-мерки против него, немало што да крие.

…Васе ѝ побарал (на Ана Камчева, н.з.) 2, 4, 6 милиони евра, во зависност од опцијата, при што ѝ кажал дека поголема група на луѓе треба да се подмири од сумата и дека во оваа група биле вклучени и обвинителката Лиле Стефанова и неговата сестра, судијката Весна Димишкова, која после ова би заминала во пензија – додава Камчев.

На прашање на обвинителот, како би отишла во пензија кога не исполнува години старост, пријавителот Камчев изјави:

Од тие причини сумата била голема затоа што после ова на судијата Димишкова би и завршила кариерата.

И портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски во август на прес-конференција обвини дека не случајно се подмачкува судијката Димишкова, голема е нејзината улога во „Рекет“.

Пипците во судството на Заев ги докажува и уцената кон семејството на притворениот преку брат на судијката Димишкова. Имено, парите кои се бараат да се “подмачка” судијката Димишкова е истата судијка која го ослободи Зоран Заев од случајот “Поткуп”, каде што исто како и сега е фатен жив во криминал, но таа е и истата судијка која го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ по барање на СЈО, за веднаш потоа биде повикан и уценет и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски од страна на Катица Јанева, за возврат доколку се одмрзне имотот на партијата на ВМРО-ДПМНЕ, да биде дадена поддршка од страна на партијата за продолжување на мандатот на Катица Јанева, кој нормално Претседателот Мицкоски не потпадна на уцените од страна на Катица Јанева, за која се покажа дека е исто така вмешана во огромен коруптивен криминал, обвини Арсовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.