Каде е Бранко Црвенковски пред претстојните избори, кога, во среда Македонија ја бира новата Влада? Иако досега знаел јавно да даде поддршка на партијата со која раководеше долги години, овојпат СДСМ остана без амин од поранешниот лидер.

Се појави Црвенковски во оваа кампања, но не во име на поддршка. Се појави во бомбите кои, се чини, се најгласни во предизборниот период. Во јавноста се појави аудио снимка на која се слуша гласот на актуелниот лидер Зоран Заев кој вели дека тој лично ја финансира партијата и дека го исчистил Црвенковски кој нема никакво влијание во партијата.

Зоран Заев: Јас го презедов СДСМ и јас го финансирам сам СДС. Не ми треба ни Бранко ни луѓето на Бранко. Го терам сам. Да заврши едно миље на Бранко целосно во СДС.

ХХ: Како ќе заврши?

Зоран Заев: Како? Он нема никакво влијание во СДСМ.

ХХ: Он нема влијание во СДСМ?

Зоран Заев: Бранко…

ХХ: Зоки многу го потценуваш човекот.

Го исчистил ли Заев Црвенковски од партијата, или Црвенковски го чисти Заев од СДСМ. Се погласни се коментарите дека не е изненадувачки што го нема Црвенковски. Тивко, со смислени потези, велат чаршиските муабети, го урива Заев, сакајќи да го врати стариот сјај на партијата, кога во СДСМ имаше интелектуалци, професори, еминентни имиња.

Бранко и неговото крило го пуштаат Заев низ вода. Бранко сака да си ја врати назад партијата. Заев ја заврши својата работа. Неговите 5 минути завршија. Сега Бранко има цел да си ја врати партијата назад, да биде партија на интелектуалци, професори, донатори, но најбитно со градски луѓе – коментираат извори блиски до СДСМ.

Тие ваквото мислење го поврзуваат и со лошата релација на линија Заев – Ахмети. Велат не е чудно што на овие избори нема линк меѓу лидерите на СДСМ и ДУИ. Да нема прстор за коалицирање – тоа е главната цел. По падот на СДСМ на овие избори се менува главата.

Заев во интервју за Радио Слободна Европа денеска изјави дека жали за поддршката што му ја дале на градоначалникот на Струга од редовите на ДУИ Размир Мерко.

-Еве зошто жалам. Едноставно е. Може градоначалникот на Охрид да постапува, тоа не е така пријатна надлежност на општините, во Струга не се постапува. Коалицијата со ДУИ после парламентарните избори во 2016 година беше нужност поради освоените мандати. 49 пратеници добивме после бомбите, после откривањето на целиот криминал и запустеност во државата и опција освен со ДУИ да се направи мнозинство немаше, другите партии беа со 5, 3, 2 пратеници… Веќе нема како резултатите да не упатат на коалиција со ДУИ, зашто веќе ДУИ и најголемиот нивни опонент – Алијанса за Албанците со Алтерантива, се блиску со маданти. Дури и да има разлика од 2-3 плус минус мандати меѓу нив, тогаш ни даваат опција да избираме – рече Заев.

Она што се чека е дали после изборите, после евентуаниот пораз на СДСМ и губење на власта, Црвенковскии бранковистите се враќаат на „Павел Шатев“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.