Димитар Ковачевски е новиот лидер на СДСМ откако убедливо победи на вонредните внатрепартиски избори, дознава 24 Инфо од внатрепартиски извори.

На избори на 193 избирачки места излегоа 43.400 гласачи. Од 141 обработени места 27.971 гласа освоил Ковачевски. За Ременски гласале 2.148 сопартијци, а Деспотовски освоил 2.452 гласа, додека 480 се неважечки.

Треба да се пребројат уште 52 избирачки места, но Ковачевски веќе има освоено повеќе од половина од гласовите.

Ковачевски во предизборното видео во кое побара поддршка од сопартијците рече дека работите мора да се менуваат и токму тоа го покажале последните избори, па затоа тој го повикува членството да се обедини за промените кои членовите, но и граѓаните, ги очекуваат.

„Како иден претседател на СДСМ, моја цел ќе биде да ја подобриме комуникацијата со членството и да дадеме фер шанса на секој кој умее и сака да работи за граѓаните. СДСМ ќе биде препознаен преку чесни, посветени и ангажирани луѓе, а посветеноста и одговорноста на секој ќе биде единствено мерило за напредок. Партиските тела ќе ги зајакнеме и активираме на многу повисоко ниво. Месните одбори и комисиите ќе бидат основни тела за креирање и евалуирање на политиките на партијата, рече Ковачевски во видео обраќањето до јавноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.