Ова е наша заедничка борба, народот наспроти корумпираната власт. Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде со вашиот избор праќате порака до власта. Вашиот глас е порака до тие коишто ја водат земјава 5-та година по ред. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште 4 години или сакате промени? Од вас зависи дали ќе создадеме нова иднина, или ќе продолжиме со назадување, со лажни надежи, поделби и апатија – рече вечерва Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата, на централниот митинг на кој се претставува независниот кандидат за градоначалник на градот, Данела Арсовска, зад чија кандидатура застана ВМРО-ДПМНЕ.

Според Мицкоски најголемиот глас на овие избори е гласот на тивкото мнозинство.

-Тоа се луѓето чиј глас не се слуша на медиумите, говорниците, на плоштадите. Тоа се луѓето кои живеат мирен живот, тоа е огромното мнозинство кое тихува, работи, и ја чува оваа земја. На нивниот ʹрбет се носат институциите, процесите, тие секој ден ја даваат нивната жртва за нашата земја и молчат, но имаат свој став, сакаат и живеат за своите семејства, копнеат за сигурност, ја сакаат Македонија и кога е добро, и кога е тешко, и во победи и во порази. Тие ја сакаат Македонија со своите срца. Гласот на тивкото мнозинство е гласот на разочарaниот работник, на револтираните млади, на тие кои имаат своја компанија и се борат за дневен опстанок на компанијата која им е сè и за која вложиле сè; на угостителите со кои експериментира оваа власт, на работниците по скелињата, на таксистите по улиците, на просветните и културни работници, на актерите кои сонуваат за големи улоги и полни театри. Тоа е гласот и на музичарите, уметниците, на убавите луѓе во нашите градови. Но и селата, земјоделците, тој работен и правичен народ кој гледа и слуша сè. И сиве овие луѓе на нашата Македонија мора да знаат дека новата иднина зависи од нивниот глас. Гласот на тивкото мнозинство со кој победува надежта и заедничката среќа. На 17-ти излезете и поддржете создавање на нова иднина. Време е за вашиот глас – рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.