Во  21 часот се затворени избирачките места на кои граѓаните на Република Северна Македонија можеа да гласаат на предвремените парламентрани избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

На денешните десети парламентарни избори, а петти предвремени избори право на глас имаа 1.814.263 граѓани, кои гласаа на 3.480 избирачки места. Овие избори се издвојуваат од досега одржаните во земјата бидејќи се организираат во состојба на пандемија на коронавирусот, гласањето за различни категории граѓани е три дена, а денешниот изборен ден трае два часа повеќе од вообичаеното и е прогласен за неработен.

Избирачките места во шесте изборни единици беа отворени во 7:00 часот, а гласањето заврши во 21 часот. Се гласаше за 15 политички партии и коалиции кои вкупно имаат 1.578 кандидати. Од нив, според статистиката на ДИК, 675 (42,78 отсто) се жени, а 903 (57,22 отсто) се мажи.

Денешниот изборен ден, според претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски помина мирно, со мали, спорадични инциденти, без нарушувања на изборниот процес.

До 19 часот на гласање излегле 830.370 граѓани со право на глас односно одѕивот е 45,77 проценти

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.