На избирачко место во Гази Баба, членови на Избирачки одбор правеле селфи со шеги дека едната фотографија е за Инстаграм, а другата за Фејсбук, пишува во извештајот на Цивил вчера.

– На ИМ 2398 во ОУ „Крсте Мисирков“, во Општина Гази Баба, членови на ИО правеле селфи со шеги дека една фотографија е за Инстаграм, а другата за Фејсбук, се вели во извештајот на набљудувачите, каде стои дека значителен дел од нерегуларностите се и поради проблеми со избирачкиот список.

-На 15 избирачки места се регистрирани неправилности поврзани со избирачкиот список, а регистрирани се и случаи кога граѓани биле оневозможени да го остварат своето уставно право на глас поради тоа што ги немало на избирачкиот список. Регистрирани се и инциденти во кои медиумите биле оневозможени да известуваат за изборниот процес од избирачки места. ЦИВИЛ забележал и случаи на семејно гласање, се вели во извештајот.

Интересен е случајот во Општина Штип, кога граѓанка револтирана од фактот дека нејзиниот поранешен сопруг кој со години не живее во државата, сè уште е на ИС, наместо да се потпише, го пречкртала тој избирач на списокот, по што дошло до расправија со одборот, а интервенирала и полиција.

Исто така на избирачкото место Македонски железници во Штип, членовите на ИО не можеле да отклучат бидејќи клучот не им бил испратен од Општината. Од Општината тврделе дека го испратиле клучот во коверт, а од ИО дека ковертот бил празен. Според еден член на ИО и еден припадник на МВР, клучот е пронајден кај поранешен претседател на тамошната Месна заедница. Гласањето сепак, започнало на време.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.