Досегашните искуства и кризните ситуации во земјата укажуваат дека во државата постои правна недоуреденост на системот за одговор на кризи, вонредна состојба и воена состојба. Постои парцијален пристап во организацијата на системот за кризен менаџмент и заштита и спасување, а со тоа и во справувањето со заканите и со предизвиците од природни катастрофи и одговорот кон нив.

Ова го истакна проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Марјан Ѓуровски, во своето обраќање на свеченото отворање на меѓународната научна конференција што по повод 30 години македонска независност се одржува во Охрид.

На собирот организиран од Факултетот за безбедност, Ѓуровски додаде дека постои политичка волја за промени на нефункционалниот систем за управување со кризи и заштита и спасување, но со забелешка дека се работи за процес што изискува подолг временски период.

Според Ѓуровски, постои несоодветна координација, нејасна и неефикасна организација на кризниот менаџмент, расцепканост на ресурсите и несоответни резерви од клучни производи и опрема, нејасна претпочинетост на носителите на власта. Покрај тоа, професорот Ѓуровски смета дека особено не е соодветно регулирана критичната инфраструктура.

Тој посочува на парцијалноста на досегашниот систем за безбедност и потребата од креирање модел на интегриран систем за безбедност што има една точка на обединување на политиките за безбедност, од каде ќе се даваат насоките за работа на безбедносните структури, ќе се координираат активностите и ќе се обедининат ресурсите од сите видови.

Ѓуровски нагласува дека тоа ќе го направи системот многу поефикасен за одговор на се помногубројните безбедносни предизвици и ризици.

Што е однесува на натамошните реформи што треба да се спроведуваат во земјата, од аспект на тридецениската независност на државата, Ѓуровски тука како основни начела ги посочува департизацијата, декриминализацијата и деполитизацијата на безбедносните институции.

Ние како држава и безбедносен систем не треба да влечеме континуитет од поранешниот ју-систем и НАТО партнерите се обидуваат да ја пресечат папочната врска со поранешниот безбедносен ју-систем преку безбедносната проверка и тоа преку безбедносните НАТО сертификати – изјави Ѓуровски пред учесниците на меѓународната конференција во Охрид.

Според него, без стабилно владеење на законите на целата територија на државата не може да има кредибилни институции и доверба од граѓаните во институциите.

Корупцијата и криминалот го поткопуваат кредибилитетот на институциите и процесите и претставува безбедносна закана за нашата демократија – забележува тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.