Според предвидената агенда за посетата на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ на Република Македонија, по средбата со претседателот Стево Пендаровски во вилата Водно, тој положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Црногорската делегација од Водно на Кале замина во придружба на претставник на Кабинетот на Пендаровски, Гоце Карајанов, и министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, но не и на претседателот Пендаровски.

Имајќи го превид актуелниот контекст во чиешто средиште се изјавите на Пендаровски за Гоце Делчев, неговото отуство може да се протолкува повеќе како избегнување отколку како практика странските делегации да се раздвојуват од домаќините.

Несреќната изјава на Стево Пендаровски дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, дадена во јуни годинава од бугарската страна беше пречекана еуфорично, како конечна потврда дека иако се борел за независност на Македонија, Делчев бил Бугарин.

Му честитам на македонскиот претседател, г-дин Пендаровски! За првпат од 1944 година ја слушаме од Скопје вистината за Гоце Делчев! Да, тој се прогласи за етнички Бугарин, без толкувања!, напиша тогаш бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

Во интервју пред една недела претседателот ја сврти касетата од страната „Б“. Пендаровски објасни дека Делчев морал да се пише како Бугарин, поточно не можел да се пише Македонец.

Еве ви еден практичен пример. Денес, јас или вие ако бараме бугарско државјанство мора да се пишеме, не само ние туку и сите наши предци дека се Бугари, дали е точно тоа или не меѓутоа за да добиете бугарско државјанство во 2019 вие мора да се пишете за Бугарин. И сега сакате да ме убедите дека во тој историски контекст, повторувам и инсистирам на тоа, во тој историски контекст 1900 – 1901 година дека Гоце Делчев можел да се пише Македонец? Такви биле околностите во тој период, рече Пендаровски во интервјуто за „Сител“, додавајќи дека неспорна е каузата за која се борел Делчев и побара тоа двете страни да го констатираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.