Денес во герила акција на кејот покрај реката Вардар оставаме 4.108 срца како потсетник на оние кои го изгубија животот во борба со вирусот КОВИД-19. Воедно од тука бараме одговорност и одговори од министерот за здравство Венко Филипче – истакна денеска Филип Ѓорѓиев од ВМРО ДПМНЕ.

Уште колку македонски срца ќе треба да престанат да бијат за министерот Венко Филипче да почувствува одговорност и грам сочувство со илјадниците мајки, татковци, синови и ќерки кои ги изгубија своите најмили чекајќи вакцини, чекајќи слободни кревети, поевтини лекови и соодветна терапија за да бидат излекувани од КОВИД-19?

Уште колку сомнителни тендери, луксузирања со хеликоптери и моторцикли ќе му бидат потребни на Венко Филипче, за да ја задоволи својата суета, и конечно да се откаже од министерската и портпаролска позиција, сведена на статистичка операција за евиденција на мртви и заразени граѓани?

Уште колку македонски граѓани со згазени чест и достоинство, ќе треба да го бараат својот спас во вакцините кои што ни ги нуди пријателска Република Србија?

До кога за Венко Филипче и Зоран Заев, единствените виновници за катастрофалното менаџирање со епидемиската криза ќе бидат граѓаните, кои наместо да добијат вакцини, квалитетни и навремени здравствени услуги, им нудат карантин, полициски часови, страв и неизвесност за својата иднина. И откако ќе помине сево ова ќе се прашуваат како понатаму ќе продолжат да живеат.

Го повикуваме уште еднаш од овде Венко Филипче, конечно да се симне од моторот на кој што ужива да се вози и да влезе во чевлите на граѓаните, кои со нетрпение чекаат да бидат имунизирани, излекувани, а со тоа и слободни да му се вратат на својот достоинствен начин на живеење, рече Ѓорѓиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.