Ги стави ли Заев македонските историчари во подредена положба во однос на бугарските колеги со ставовите дека во Македоија имало бугарска администрација и дека Гоце Делчев е македонски и бугарски револуционер?Колку позициите кои премиерот ги изнесе за БГ НЕС ќе бидат причина за тоа македонскиот историски тим во разговорите на трети и четврти декември да се адаптира на неговото гледање на историјата?

Предводникот на македонските историчари во мешовитата комисија со Бугарија за Алфа вели дека позициите на Заев нема да им наштетат. Историските факти се над индивидуалните ставови на политичарите, вели тој.

Ставовите на премиерот Зоран Заев нема да ни ги врзат рацете и нема да не стават во подредена положба. Ние ќе се водиме според историските факти. Многу пати до сега имало изјави на политичари од Македонија и Бугарија за историски теми. Разговорите на 3 и 4 декември ќе бидат он лајн за темите за кои разговаравме на последната средба. Меѓу нив и за Гоце Делчев, смета Ѓорѓиев.

Неговиот бугарски колега Ангел Димитров рече дека за кажаното од Заев да се сфати сериозно е потребен меѓународен правен документ. Во него јасно би било кажано дека се прифаќаат нови позиции во согласност со договорот за добрососедство.

За политичкото оспорување на македонската историја и идентитет реагира и институтот за национална историја. Од институтот се осврнуваат на бугарскиот меморандум со кој како што велат оттаму цела нација и историска наука се квалификуваат како фалсификаторство и се повикува на ревизија на македонскиот народ и нација.

Историјата и нејзината интерпретација мора да бидат детерминирани исклучиво од научна етика и претендирање кон објективност и во тој контекст не смее да се доведува во врска со потребите на политиката, ниту на било каков начин да биде условено од политичките влијанија, што е во целосна спротивност со европските демократски принципи, велат од институтот.

Голем број интелектуалци во двете земји го оспорија меморандумот со кој источниот сосед го оспорува постоењето на македонскиот јазик и нација. Бугарски историчари побараа и промена на официјалните ставови на Софија.

извор: alfa.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.