Копретседателот на македонскиот дел од заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, академик проф.Драги Ѓоргиев, наместо самиот да ја преиспита својата улога, почна да се вади и да ги обвинува своите колеги историчари!?, анализира „Пресинг ТВ“.

Ова стана јасно по неговиот последен настап во емисијата Топ тема во кој меѓу другото се осврна и на реакциите во јавноста на македонските историчари околу вториот протокол на мѓувладината македонско-бугарска комисија, кој стана составен дел на францускиот предлог за симнување на бугарското вето и започнување на првата фаза од официјалниот почеток на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ. Притоа, чудно, го искористи терминот за личен научен и експертски интегритет, иако во јавноста никогаш не демантираше како стана член на МАНУ-се наведува во анализата.

Според академик Ѓоргиев, нападите и изјавите од страна на колеги историчари од земјава создале една непријатна атмосфера кон работата на Комисијата, и особено, како што додаде, во јавноста која не е директно запознаена со работата на Комисијата.

– Јас не знам на што се должи тоа, никогаш тие колеги не дошле да прашаат за што ние разговараме, кои се нашите намери, кои се нашите идеи за препораките. Нивните пишувања најчесто се изјави и тоа не од страна на македонски политичари, туку од бугарски. Доколку некој во Бугарија изјави тоа е апсолутна вистина и тие го земаат тоа како основа за свои пишувања, изјави Ѓоргиев, додавајќи дека таков бил случајот со објавувањето на вториот протокол од Бугарија.

И за да ја релативизира содржината на протоколот, појасни дека во делот за работата на историската комисија дваесет пати се употребува терминот „двете страни“, што значело дека има 99 отсто реципроцитет во нејзината работа.

Ако внимателно се следат настапите на академик Ѓоргиев може да се дојде до единствен заклучок дека неговите изјави во многу наликуваат на изјави на чист партиски војник.

Зашто, се уште се паметат неговите обиди за одбрана на поранешниот премиер Зоран Заев по излетите направени посебно во фамозното интервју за агенцијата БГНЕС, што сега се пренесуваат и на актуелниот наследник Димитар Ковачевски.

Само за илустрација, на пример, самиот нека си провери што изјави околу бугарската фашистичка окупација на Македонија, а што за тоа изјави во Топ тема.

Но, делот од настапот на академик Ѓоргиев, што се граничи со чиста дрскост и безобразие, е обвинувањето на македонските колеги историчари дека тие пишувале и настапувале врз основа на изјави на бугарски политичари и во тој контекст го споменува и вториот меѓувладин протокол, што е апсолутна невистина!

Македонските историчари преку нивното ледни нејзиниДруштво, преку младите историчари, преку Советот на Институтот за национална историја, чиј директор е, патем, самиот Ѓоргиев, реагираа на содржината на протоколот, што значи врз основа на документ, а не на изјави на бугарски политичари. Нивните реакции на бугарските колеги или на политичарите од другата страна на границата се сосема друга работа.

Но, за Ѓоргиев и ова не беше доволно, па отиде и чекор натаму. Место тој како копретседавач да ги повика своите колеги историчари и да ги запознае со работата на комисијата или да побара соработка и помош од нив, тој ги обвини дека тие никогаш не дошле да прашаат за што тие, како членови на комисијата, разговарале!

Прво, крајно симплифицирано, каде се видело некој непоканет да оди на гости? Второ, како како Комисија носеле решенија за личности од средниот век, без ниту еден медијавист? Трето, каде беше академик Ѓоргиев да реагира кога од членството во комисијата беа разрешени двајца угледни историчари, експерти за нивната област, од кои едниот јавно призна дека врз комисијата се врши политички притисок? За жал, Ѓоргиев молчеше, но затоа стана академик.

Само за потсетување, во преговорите со Македонија, Грција ангажираше тим од над 60 експерти од разни области, истото го направи и Бугарија подготвувајќи ја својата политика за односите со Македонија. Само Република Македонија настапува со свои партиски послушници, наместо со цели експертски тимови, иако станува збор за идентитетски прашања на Македонците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.