Евроамбасадорот Дејвид Гир на прес-конференција пред состанокот со институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата кажа дека Македонија е на крстопат и мора да избере каква ќе биде иднината.

Оваа земја е на крстопат – мора да избере дали ќе се движи напред, одлучно да се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренуваат уште повеќе“, кажа Гир на прес-конференција пред состанокот со институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата, на кој ќе се разгледаат забелешките од Извештајот за напредокот на Република Македонија подготвен од Европската комисија.

Гир кажа дека најважно е да се бориме со корупцијата преку државните институции, кои мора да дејствуваат и да го намалат просторот за корупција.

Тоа значи преку закони и кодекси на однесување, тоа значи стимулации за промоција на услугите и сериозни санкции за коруптивното однесување. Тоа значи спроведување. Тоа значи, кога некој незаконски ќе заземе некое земјиште и ќе гради обвинителството мора да дејствува, а судовите да реагираат брзо без разлика кој е тој човек и колку и да е влијателен, колку и да е поврзан, смета Гир.

Борбата против корупцијата, нагласи Гир, е да се создаде средина што ќе биде непријателски настроена кон лошите навики поврзани со коруптивното однесување.

Се работи за зацврстување на клучните системи за интегритет преку реформи на системите за набавка и финансиско управување во државата. Поголема транспарентност и развој на капацитетите на државните институции за ревизии и антикорупција. Се работи за партнерство со бизнисите, како и партнерство со слободните и професионални медиуми кои ќе ги следат највисоките стандарди кои ќе бидат ослободени од закани, навреди или поткуп во каква било форма, додава Гир.

Евроамбасадорот на прес-конференцијата ја нагласи важноста на напорите за борба против корупцијата.

Ова е предизвик во секоја земја. Во секоја земја напорите за борба против корупцијата постојано се обновуваат и приспособуваат на новите предизвици и можности со коишто се соочуваат нашите општества без разлика дали е тоа дигитална или зелена револуција, дали е тоа глобална пандемија, глобална енергетска транзиција или, пак, влијанието на руската војна против Украина, посочи Гир.

Гир смета дека проблемот е огромен, но има напредок во изминативе години.

Извештајот за напредок од октомври покажа дека државата задржа еден добар чекор во борбата со корупцијата. Некои институции покажаа одлучност да се справат со корупцијата. Граѓанското општество продолжува да игра улога буквално како чувар кој наметнува одговорност на јавните институции и на функционерите. И бизнисот може да игра битна улога како и медиумите коишто секогаш играат клучна улога. И тука не мислам на повторувањето на сензационални обвинувања, мислам особено на мачното исражувачко новинарство што го спроведоа неколкумина новинари во земјава и кои расветлија коруптивни и криминални однесувања и структури. И тие треба да бидат пофалени за тоа, заклучи Гир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.