Во јавноста се појасни се раздорот, подделеноста и несогласувањата во редовите на ДУИ. Предводник на таа подделеност е поранешниот градоначалник на Чаир и координатор на пратеничката група на ДУИ во Собранието, Изет Меџити.

Тој во последните месеци не ги крие несогласувањата со првиот вицепремиер Артан Груби, моментно најблизок соработник на Ахмети, а деновиве доби поддршка од поранешен висок член на партијата.

Имено, Меџити имаше јавно појавување со некогаш најблискиот соработник на Али Ахмети и вицепремиер во неколку влади, Муса Џафери, кој се појави во јавноста по петгодишна пауза од политичките активности. Покрај Џафери и Меџити, на неформалната средба присуствуваа и пратеникот Исмаил Јахоски, како градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, кој објави фотографија од средбатам, под која напиша „Заедно“.

На масата се и синот на пратеникот Јахоски, како и неговиот брат Алија Јаоски, новиот градоначалник на Пласница.

Меџити и Беџети се сметаат за предводници на скопското крило на ДУИ, кое е во конфликт со најистурените министри од оваа партија – првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Беџети, кој беше во судир со претходната влада на СДСМ и на ДУИ, поради дивите платформи на Матка, ја објави фотографијата откако претседателот на парламентот Талат Џафери не негираше дека во одредени случаи кворумот во законодавниот дом виси и поради отсуство на пратеници од неговата партија, а не само поради опозицијата.

Муса Џафери, пак, кој важеше за десна рака на Ахмети, додека беше вицепремиер за Рамковен договор во сите влади, почнувајќи од 2002 до 2016 година (со исклучок на периодот 2006-2008, кога ДУИ беше во опозиција), го снема од политичката сцена откако, за време на првата техничка влада (пред изборите во 2016 година) сите министри и заменици на ДУИ поднесоа оставки.

Интересно е што ниту еден од поранешните и сегашни функционери на ДУИ кои се на фотографија не можат да се забележат на фотографијата од одбележувањето на роденденот на Ахмети во новите простории на Министерството за политички систем, кое го предводи Груби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.