Кој не почитува закон, со закон ќе се соочи!, пишува Бранко Героски за Плус инфо.

Конфучие? Ганди? Маркс? Рекс?

(Рекс е кучето што го спаси Тито на Сутјеска, кога го ранија Германците.)

Не бе, ова е мисла на другарот Зоран Заев. Нова пропагандна крилатица на ПВРСМ.

(ПВРСМ е – претседателот на Владата на Република Македонија.)

Кажано во стилот сакам-кажам-не-знам-речам, но да не бараме влакно во јајцето, убаво се разбира што сакал авторот да каже – дека мора да се почитува законот.

Во ред, другар ПВРСМ. Во право си. Законот треба да се почитува. Законот важи за сите. И за тебе. Па затоа ти предлагам да ни дадеш личен пример и сега прв да се соочиш со законот.

А еве зошто…

Порталот ДоказМ објави интересни фоторафии, од кои научив дека мојот омилен ајвар „Мамас“ се продава и во Германија. Ја, натурлих! Еве го германскиот „Мамас“:

Hausgemachter ajvar! Ептен е убав, нели?

Арно ама, на етикетата од задната страна на теглата, пишува дека ајварот „Мамас“ е произведен во Republik Mazedonien. Еве да видиш, другар ПВРСМ, ако не си видел:

Да нема забуна, овој германскиов ајвар на сликава носи датум од 11 јануари 2020 година (тогаш е ставен на рафт во германска продавница), а рокот на траење му е до 2023 година.

Е сега, каде е заебот. На секоја тегла ајвар „Мамас“ што се продава во Македонија, може да се прочита дека ајварот е произведен во „Р. Македонија“. Еве сличе:

Значи, Германците јадат ајвар „Мамас“ произведен во Република Македонија, а Македонците јадат ајвар „Мамас“ произведен во Република Македонија!

Е како така, другар ПВРСМ Зоран Заев?

Јас мислам дека овде некој закон, некој пропис, ќе да е прекршен. И мислам дека и на германскиот „Мамас“ би требало да пишува Nordmazedonien. Ако веќе македонските производи треба да се декларираат дека се произведени во РСМ. И кога веќе другарот Заев се отепа повторувајќи „Македонија“, кога треба и кога не треба…

А можеби и грешам. Можеби ниту еден пропис не е прекршен. Можеби и нема таков пропис. Ако е така, другар ПВРСМ Зоран Заев, би сакал да ми укажеш на грешката, а јас јавно ќе ти се извинам и ќе ја објавам радосната вест дека од сега сите македонски производи, дома и во странство, може слободно да се декларираат дека се произведени во Република Македонија. Во Republic of Macedonia. Во Republik Mazedonien. Итн.

Арно ама, што правиме ако не е така?

Е ако не е така, другар Заев, јас ќе те замолам ти убаво да ни се извиниш на сите што јадеме згрешен ајвар, потоа да им се извиниш и на Германците што јадат згрешен ајвар, а на крајот да им се извиниш и на Грците, бидејќи оваа промена со имињата произлегува од Преспанскиот договор. После треба да ја исправиш грешката и за тоа да ја информираш јавноста.

И толку од „соочувањето со законот“, другар камшикар. Под „соочување со законот“ секогаш не се подразбира казнување.

За крај, да ти кажам и една лична работа, другар ПВРСМ. Јас сум и ќе си останам фан на ајварот „Мамас“. И лутеницата ти е супер. Ти на теглите можеш да напишеш дека ајварот е произведен во Буркина Фасо, ако така ти одговара, јас пак ќе го купувам и ќе го јадам, бидејќи тоа е многу вкусен ајвар произведен во Македонија.

ПС. Рекламава ти е гратис.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.