Новинарот Бранко Героски реагира на најавата на властите да воведат, како што вели, тоталитаристички законски ограничувања на уставното право на „слободно собирање“ иако членот 21 од Уставот вели дека „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба“.

Најкомична е вашата намера да го ограничите времето на одржување на јавните собири од 6 часот наутро до 23 часот навечер.

Луѓе, па вие тотално сте се мрднале од умот!

Не е далеку денот кога во име на ‘одбраната од нападите врз демокртијата’ ќе воведете полициски час. Во 23 часот од уличните разгласи ќе се свири повечерје (може некоја пријатна мелодија, како „Сите спијат, а ние сме сами“, на пример), а на улиците ќе можат да се движат само одбрани лица, со аусвајс.

Е, другарки и другарчиња, ви омекнале газињата во фотелјите во „органите на државната власт на Република Северна Македонија“, па сте заборавиле кога против режимот на Груевски се боревме на протестните собири на Отпорот, на улиците и на крстосниците, на мостовите. Сте заборавиле кога ја пеевме „О бела чао“ до долго во ноќта.

Веќе не се сеќавате на протестните собири на „Шарената револуција“, на маршевите по виталните сообраќајници, на деноноќните кампови пред Владата и пред Собранието. Груевски беше лош, ни праќаше полицајци, ни фрлаа шок бомби, ќе паднеше овде-онде и и по некој пендрек, но фер е да се каже дека на сатрапот сепак не му падна на ум да ги ограничи јавните собири со вакви безумни законски решенија.

Ау, па вие сте станале полоши од него!!!

(…)

Со овој идиотизам, само ги покажувате сопствените слабости, несигурноста и стравот од претстојните парламентарни избори. Кој и да ве убедил да ги смислите овие нови законски ограничувања, па уште и да ги шлапнете на хартија, буквално од земја ве акнал. А бидејќи вие тоа не го разбирате (оти, како што утврдив повеќе пати, едноставно толку ви сече), вие ништо друго и не заслужувате. Леле во што се претворивте, мене срам ме фаќа“!. пишува Героски во колуммна за „Плусинфо“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.