Никогаш не сум бил толку често и толку бедно клеветен и навредуван како овие три години, вели новинарот и уредник на „Плусинфо“, Бранко Героски, кој во денешната колумна открива што сè поминал од првите објави за „Рекет“, до последната колумна во која отворено кажа дека аферата е многу подлабока од она што власта сака да прикаже.

Мојот најнов напис за аферата „Рекет”, освен очекуваните панични коментари дека сум ширел лажни вести и дека сум бил експонент на мафијата, е дочекан и со уште една нова мантра – Героски вака пишува зашто му е дадена слобода на говорот, инаку за вакви написи, во времето на Груевски, би завршил во банкината на свиокот каде што настрада Никола Младенов (теза на Бранко Тричковски смртозборецот).

 

За тоа кој ја зборува вистината, а кој лаже, предлагам да почекаме малку. И во јуни лани, кога ги пишував моите кодирани приказни за аферата „Рекет“, безмалку сите велеа дека ширам лажни вести. За потоа во јули да уследат истраги, апсења итн.

 

Што се однесува до тезата дека некој „ми дал” слободно да говорам и да пишувам, тоа е најголемата глупост и истовремено најголемата лага што е напишана во последно време. И за мене и општо, пишува денеска Героски.

Додава дека секогаш имал слобода на говор, а дека слободно говорел и пишував и „во времето на режимот на Никола Груевски“.

Жестоко го критикував. Напишав, на пример, дека тој е најлошото нешто што и се случило на Македонија од 1945 година до денес. И држам до тоа мислење…

 

Слободата сам си ја земам, почитувани читатели. Не чекам јас никој да ми ја дава. Сам создавам и слободни медиуми. И отворам простор и други слободно да се изразуваат. Меѓу нив беше и Тричковски. Стана колумнист на „Слободен печат” на моја покана. Имаше такви кои се противеа на таа моја одлука. Денес со него се лигават. Пишуваше тој слободно, без ниту една запирка да му биде променета, без било кој да смее збор да му пререче. За било што. На промоција на една негова книга, тој самиот кажа дека поради неговите написи најверојатно сум трпел притисоци од разни страни. Да, така беше, имаше притисоци дури од оние чиј апологет е денес. Само што јас никогаш не дозволив Тричко да дознае за нив. И денес не знае кој бараше да го „тргнам” и да му го „симнам од вратот”. Ниту знае ниту ќе дознае.

 

Слободата не се дава, драги мои. Таа не е дадена. Таа е зададена. Тие што сакаме да бидеме слободни, се однесуваме така. И си ја плаќаме цената. Платив висока цена во времето на Груевски. Многу висока цена. Но, да не се лажеме, висока цена плаќам и сега, пишува Героски.

Героски посочува дека никогаш не бил толку често и толку бедно клеветен и навредуван како овие три години.

А ми го зедоа и моето чедо, мојот весник што го создадов, заедно со тимот што јас лично го избрав и со сопствениците што јас ги анимирав да влезат во приказната која сега им носи високи профити. За да си го сочувам образот и да си ја задржам слободата, кога ме притиснаа, бев буквално принуден да дадам отказ од „Слободен печат”. Нема човек во весникот кој тоа не го знае, кој не ја знае вистината.

 

Не се лутам никому, но не им заборавам на ороводците на тој пуч. Особено не на нарачателот. Сакам јасно да им порачам дека на никого од тие што мислеле дека ми „давале” слобода, не му должам ништо. Тие што вложија пари, се офајдија Тие што вложија труд заедно со мене, ене ги работат и имаат високи плати, кои лично јас ги “избоксував”. Тие што ме поддржуваа морално и политички, печалеа и ене ги на власт, среќни и задоволни, си ги товарат камилите.

 

Немам обврска кон никого! Напротив, многу од тие луѓе имаат неизвршени обврски кон мене. Ми должат. Морално, се разбира. Би можело да се зборува и за друг вид долг, но тие лешпери знаат дека јас никогаш тоа не сум го правел за пари, за нешто повеќе од пристојна плата, патем речено многу помала од платите на сите други главни уредници, ведети и „бардови”.

 

И затоа, ве молам, без тие блесави ламентации дека некој нешто ми дал или ми дозволил. Да не почнам јас сега да правам список кому што имам дадено и кој сè се офајдил од мене и од мојата поддршка. Не сум правел до сега, но за сè има прв пат…

 

Сите вие што имате задача или сте презеле обврска да ме напаѓате, јас ви велам вака – слободно напаѓајте, клевете и лажете (како и до сега), но ако ја отворате темата за нашите меѓусебни “должничко-доверителски” односи во било кој поглед, овој пат нема да бидам нежен кон никого и нема да премолчам многу работи што инаку би ги премолчал во нормални околности, пишува Героски.

Колумна за „Плусинфо

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.