Oткако вчера во отворено писмо до јавноста Вице Заев тргна во одбрана на неговиот брат Зоран и семејството Заеви, денеска новинарот Бранко Героски, оној кој прв почна да ги објавува игрите што се случувале околу „Рекет“ му порача – Немој бате Вице, не го брани!

Почитуван Вице Заев,

Со големо внимание го прочитав твоето обраќање до јавноста и добив желба да го прокоментирам на овој начин, со директно обраќање до тебе. Си земам слобода да не ти персирам, затоа што неодамна ја одржавме нашата прва, пријателска средба, на која добив впечаток дека си пристоен човек, како и што те опишаа некои мои пријатели. За другите приказни и легенди за тебе, не сакам да судам, бидејќи не се познаваме доволно. Обично пишувам за луѓе кои добро ги познавам и пласирам информации за кои сум сигурен дека се веродостојни.

Овој коментар пропагандата на СДСМ ќе го преџвака на свој начин, сигурно ќе го оцени како уште еден атак врз семејството Заеви, а најистакнатите и добро платени пропагандисти веројатно ќе се огласат со клевети, навреди, закани и слично. И на тоа веќе се навикнав. Јас само очекувам ти и брат ти Зоран Заев текстот да го прочитате самите (не да ви го прераскажуваат и да ви го толкуваат) и самите да си донесете свои заклучоци. Оти, решив веќе со никого да не расправам за моите мотиви и намери. Ама баш со никого.

Од целото твое писмо, Вице, според моето скромно мислење, најважен е оној дел кога велиш: „Јас не сум политичар и немам намера да се занимавам со политика. Со ова мое обраќање до јавноста сакам да соопштам дека нема повеќе да комуницирам ниту да реплицирам на нивните лаги, измислици, конструкции. Нема да дозволам да ме вовлечат во нивната кал.“ Под „нивните“, мислиш на ВМРО-ДПМНЕ (ова за читателите кои не го прочитале обраќањето).

Иако импонира твојата одлучност, како и одлучноста на семејството Заеви да го поддржат Зорана во неговата политичка борба, мислам дека сите вие (а најмногу ти) направивте стратешка грешка, избирајќи го начинот на кој се обидувате да му помогнете. Ќе се потрудам да ти објаснам во што се состои таа грешка, а ти и Зоран, се надевам, нема да ми замерите. А ако замерите, нема помош…

Во моментот кога еден човек ќе се определи за политичка кариера – а Зоран беше градоначалник, лидер на опозицијата и премиер, значи човек со долга и успешна политичка кариера, која не е завршена – неговите најблиски и луѓето со кои е опкружен треба да го поддржат. Но, истовремено, треба многу да внимаваат на своето однесување.

Познато е, Вице, дека твојот бекграунд е бизнисот, како што и самиот потврдуваш. И дека не си политичар. Но, општо е познато и тоа дека во сиот овој период, а особено откако Зоран стана партиски лидер и потоа и премиер, ти и членови на твоето семејство одржувате чести контакти со луѓе од пошироката бизнис заедница, со министри и директори на јавни установи, со новинари, уредници и сопственици на медиуми и со многу други луѓе од јавниот живот. Тоа, секако, не е забрането, но вие морате да бидете свесни дека јавноста мора да биде стопроцентно убедена дека тие контакти не се некакво мешетарење, или, не дај боже, некакви активности што се косат со законот, туку дека бизнисмените ги охрабрувате да работат подобро, лекарите да лечат посовесно и да не ги полнат клиниките со партиски кадар, директорите на јавните установи да не потклекнуваат на клиентилистички притисоци и на корупција.

Јас сакам да верувам дека е така, Вице. Но, сигурно си свесен дека во еден дел од јавноста перцепцијата за твоите контакти со важните и моќни луѓе во оваа земја е сосема поинаква. Имено, негативна. Стратешката грешка е во тоа што Зоран, ти и членовите на твоето семејство сепак сте морале да предвидите дека ќе се соочите со една таква перцепција и да преземете превентивни мерки тоа да не се случи. Сигурно ќе прашаш – за какви мерки зборува Героски?

Па еве, ќе се обидам да објаснам на што мислам. На пример, не спорам дека семејството Заеви е инволвирано во легалниот бизнис на производство на канабис за медицински потреби на легален начин, но некој морал да сфати дека на премиерот едноставно не му доликува да биде поврзан со тој бизнис. Да да, поради големите предрасуди, но и поради проблемите кои се јавија во тој бизнис и и кои исто така можеле да се предвидат. Зарем семејството Зааеви, кое долго време води успешни бизнис активности во повеќе области, немаше да преживее без канабисот?

Многу бизнис и политички моќници, како и други јавни личности, постојано се фалат за средбите со тебе. Јас познавам барем десеттина такви луѓе. Се прикажуваат и разни анегдоти. На некој начин, Вице, ти стана селебрити во овие последни години. Мислам дека многу порано требаше да одлучиш да ги редуцираш своите контакти на најнеопходните, на тие поврзани со твоите и со бизнис активностите на твоето семејство. Така најдобро ќе му помогнеше на брат ти Зоран.

Не му помагаш, Вице, со твоите оценки за неговите политички активности (нели велиш дека не си политичар), со твојата возбуда во која за „криминалците“ кои се уште не се осудени, велиш: „Ги чека затвор“. Долг е животот и не се знае кого што чека, вклучувајќи го и затворот што го спомнуваш. Затоа има една мудра мисла, која вели – како што судиш, така ќе ти биде судено.

Не ми се допадна тоа што во писмото инсистираш на тоа колку семејството Заеви биле жртви на поранешниот режим и колку сте се напатиле. Тоа е така, не спорам, но сигурно знаеш дека и многу други семејства беа жртви на тој режим, па не добија сатисфакција каква што доби твоето семејство. Да, власта сега носи изложеност на лажни вести и на непринципиелни атаци, но исто така носи и многу привилегии и на луѓето им отвора многу врати кои им се затворени кога не се на власт. Да се разбереме, со тоа не сакам да кажам дека семејството Заеви е инволвирано во коруптивни и криминални активности (како што и самиот повикуваш, тоа нека го проверуваат надлежните институции), но сакам да ти кажам, Вице, дека аргументот на твојата одбрана со предзнакот „ние сме жртви“ е неодржлив и по малку блазиран.

Од друга страна, ми се допадна делот од твоето писмо во кое велиш: „Ги повикувам сите надлежни институции да ги проверат сите изнесени наводи, да ги објават сите снимки, видеа, аудио-материјали, сè што има барам да се објави, за јавноста да се увери во вистината“. Тоа е навистина добар пристап. Своевремено, кога поради јавниот интерес твојот брат Зоран Заев, иако ненадлежен, јавно објавуваше „бомби“, јас го советував и лично, а потоа и јавно, по бомбашката кампања, да се одржи еден „бомбашки самит“ и тој токсичен материјал да се уништи и никому веќе да не биде достапен. За жал, брат ти не ме послуша (можеби и не можел да ме послуша, не знам).

Како и да е, се надевам дека си свесен дека после преседанот што го воспостави Зоран Заев, сега снимки, видеа, аудио-материјали и други комптомитирачки материјали – ако има такви – ќе објавуваат и ненадлежни институции. Тоа веќе почна да се случува. Да, тоа е грдо и претставува кршење на законот. Но, така беше и кога Зоран ги објавуваше своите „бомби“. Кога шпекулираше за непостоечко убиство на новинар или за непостоечката инволвираност на еден друг политичар во убиството на Смилковско Езеро. Сето тоа тогаш се оправдуваше со постоење јавен интерес. И сега, предизборната бомбашка кампања – ако има таква – ќе се оправдува со истиот јавен интерес. И ти и Зоран сега нема да можете уверливо да се спротивставите на тој метод на политичка борба. Она „како судиш, така ќе ти биде судено“ најверојатно ќе се преведе и во „како бомбардираш, така ќе бидеш бомбардиран“.

Како и да е, твоето писмо го разбрав како обид да ја потврдиш поддршката што Зоран Заев ја има од своето семејство, но и ти лично да се дистанцираш од полемиката во која си вовлечен, која ти ја нарекуваш кал. Па и кал е, да си кажеме чесно. Само, мора да сфатиш дека делумно и ти си виновен што си зацапал во калта, иако со најдобри, братски намери. Ја знаеш онаа реплика од која го извлеков насловот на овој текст – немој бате, не ме брани…

Што е сторено, сторено е. Јас, лично, на семејството Заеви му посакувам среќа, здравје и успеси во животот и во бизнисот, а на Зоран и успех во политичката кариера. Тоа што јас и тој прилично различно гледаме на тоа што е успех во политиката денес и на промените што се неопходни оваа земја да престане да биде хибриден режим, ти Вице не можеш да го промениш. За тоа ќе одлучува народот, ама не само сега на 12 април, туку и во годините пред нас. Нека не ве лажат пропагандистите тебе и Зорана, она што ќе се случува на 12 април не е битка за живот или смрт, тоа е само една етапа во недовршената демократска транзиција на нашето напатено општество.

Да си ми брат, јас би те советувал после ова пристојно писмо, нагласено да се повлечеш од јавниот живот, да го оставиш Зорана да ја бие својата тешка битка, а ти најдобро ќе му помогнеш ако се посветиш на успешно водење на легалните бизниси на семејството Заеви. Впрочем, ако добро те разбирам, ти си одлучен да продолжиш токму во таа насока. И те поддржувам во тоа.

Пријателски поздрави,

Героски

Извор: Плусинфо

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.