Македонија се наоѓа пред една важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го трасира патот за отворање на поглавјата во поединечни области, како на пример економската политика или владеењето на правото. И јас сум тука за да ве уверам дека вашата земја може и понатаму да се потпре на поддршката на Германија на патот кон ЕУ, порача денеска во Скопје германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничката прес – конференција со домаќинот Стево Пендаровски.

– Јас сум многу свесен дека Македонија на својот пат кон ЕУ беше конфронтирана со особени потешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа со Грција. Вие дадовте импресивен пример за тоа дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики, но се разбира само доколку постои политичка волја од двете страни. И за вашата прагматична подготвеност за компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија, Ви благодарам. Јас сум убеден дека овој став на крајот ќе се исплати, ќе вреди, рече Штајнмајер во своето обраќање.

Тој потенцира дека оваа негова посета на Македонија се случува 15 години по последната посета на германски претседател, но доаѓа во особено важен момент за земјата. Со членството во НАТО и со тековниот процес за пристап во ЕУ, Македонија, додаде Штајнмајер, донесе за себе клучна одлука за правецот во кој ќе се движи, одлука за иднина во мир и во слобода и во една рамка која ќе му ги понуди на стопанството најдобрите можности за развој.

Германскиот претседател го честиташе и почетокот на преговорите со ЕУ во јули годинава и потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик, оценувајќи дека тоа е признание за улогата на Македонија како сигурен партнер којшто е подготвен и меѓународно да преземе одговорност за лидерство.

– Останува важно Македонија да продолжи понатаму со својот внатрешен реформски процес. Вие кажавте дека овој реформски процес ќе биде продолжен и јас сакам да ви кажам дека вашата земја може да се потпре на поддршката од Германија и понатаму. Ние отсекогаш сме ги поддржуваме ЕУ перспективата на Македонија, како и можноста за пристап на Западен Балкан и се залагаме за прием на овие земји во ЕУ. Со еден збор Македонија е дел од европското семејство. Со својата култура и јазик, вашата земја, во тоа сум убеден, ќе ја збогати ЕУ и уште повеќе ќе го зголеми различноста на оваа заедница, не само на културен план Македонија и ќе ја збогати ЕУ, рече шефот на германската држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.