Заклучоците на ЕУ предложени од актуелниот претседавач Германија предизвикаа дилеми во јавноста: дали Бугарија успеа да го протурка своето толкување за историјата. Германската амбасадорка Анке Холштајн ги отфрлила таквите тези во разговор за Дојче веле. Заклучоците, како и споменатата формулација, важат еднакво за сите, рекла таа.

Главната причина за усвојувањето на овие заклучоци е давањето сигнал за веродостојноста на перспективата за проширување. Заклучоците се однесуваат на шесте земји во регионот на Западниот Балкан и затоа е важно што тие беа усвоени за да се покаже дека проширувањето продолжува, вели Холштајн за ДВ.

За членот 8 од заклучоците вели дека формулацијата не е нова и веќе била во употреба од 2018 година.

Таа е еднакво валидна за Бугарија, Грција и Македонија. Оттука, таа може да биде основа за продолжување на заедничката работа. За нас како претседавачи беше важно да ги усвоиме овие заклучоци за да покажеме дека сите земји-членки се посветени на проширувањето, вели германската амбасадорка.

Холштајн ѝ честита на македонската влада за начинот на кој ги водеше сите дискусии во последните недели.

Таа покажа државнички однос во држењето на емоциите на најниско ниво и со тоа дозволи да продолжат преговорите. Со тоа се остави простор преговорите да останат отворени и во следните месеци, нагласила Холштајн.

На владата ѝ препорачува да продолжи со реформите и смета дека тоа може да го забрза патот на земјата кон полноправно членство, без оглед кога формално ќе започнат преговорите.

За германската амбасадорка блокадата на почетокот на преговорите на земјата со ЕУ е „удар“, но смета дека нема потреба да се размислува за алтернативи.

Целосно разбирам дека е многу тешко, голем предизвик е да се продолжи кога ќе се добие таков удар. Да кажам отворено: ЕУ вети нешто и, во моментов, не успеа да си го одржи ветувањето. Нема сомнеж во тоа. Ние многу се трудевме, но не успеавме да го исполниме ветувањето кое беше дадено во март. Под тие услови, како што реков, тешко е да се продолжи, но сметам дека нема алтернатива. Германија е подготвена да ве поддржи, вели амбасадорката Анке Холштајн за Дојче веле.

Бугарската позиција, во меѓувреме, им стави дефинитивен крај на надежите во Скопје дека преговорите со ЕУ формално ќе започнат годинава. Холштајн вели дека тоа била „заедничка цел” на германското претседателство и Македонија, но за жал не се реализирала.

Предложивме многу решенија во таа насока. За дел од нив имаше огромна поддршка од големо мнозинство земји-членки, но за жал, не успеавме да постигнеме согласност во телата на Советот, затоа што за проширувањето е потребна согласност од сите земји-членки.

Досието за проширувањето од 1 јануари 2021 година ќе премине во рацете на Португалија, која го презема претседавањето со ЕУ. Според Холштајн, тоа не треба да загрижува, напротив.

Проширувањето е во добри раце со следното португалско и потоа словенечко претседателство. Ние со нив формиравме Тројно-претседателство за период од 18 месеци – ги усогласивме нашите програми, многу тесно соработуваме, и нашите португалски пријатели кои сега ќе преземат се многу свесни дека одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Македонија и, доколку се исполнат условите и со Албанија, е приоритет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.